Европската Комисија во објавениот извештај за Северна Македонија за 2023 година, во поглавјето 31 посветено на надворешната, безбедносна и одбранбена политика нотира добро ниво на подготвеност и добар напредок во однос на усогласувањето на земјата со надворешната и безбедносната политика на Унијата.
„Во однос на заедничката безбедносна и одбранбена политика, земјата продолжи активно да придонесува во операциите на ЕУ за кризен менаџмент, во ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина, во мисијата во Централноафриканската Република и во борбената група на ЕУ HELBROC. Северна Македонија е дел и од Балканските медицински наменски сили“, се вели во извештајот.
Извештајот го нотира и придонесот на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР на Косово, НАТО мисијата во Ирак и мултинационалните сили на Алијансата, под капата на т.н. Зајакнато истурено присуство во источното крило на НАТО. Дополнително, во него се укажува на фактот дека Северна Македонија го комплетираше истражувањето на ЕУ за ризици од хибридни закани кој цели да ги идентификува системските слабости и да овозможи ефикасна поддршка од страна на Унијата во оваа област.
Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата, а пример за тоа е усогласеноста со пакетот на рестриктивни мерки од ЕУ за Русија, по почетокот на руската агресија врз Украина. „Ова е силен сигнал за стратешката посветеност на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија“, се вели во извештајот.
Како позитивен пример Унијата го посочува и приоретизирањето на заштитата на човековите права, климата, справувањето со насилниот екстремизам и имплементацијата на резолуциите за жени, мир и безбедност кои ја промовираат улогата на жените и ја засилуваат улогата на младите во општеството. „Вториот Национален план за имплементација на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН 1325 е мониториран од работна група која го објави својот втор извештај во април 2023 година“, се вели во извештајот. Носител на овој Национален план во државата е Министерството за одбрана.