Почитувани колеги и шефови на делегации,
Почитувани пријатели и претставници на меѓународни организации,
Добар ден уште еднаш од моја страна и дозволете да се заблагодарам за честа да се обратам и во оваа завршна сесија на состанокот на Комитетот на Министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во рамки на српското претседавање.
Имавме навистина успешна дискусија во однос на автоматизираната размена на податоци. Се фокусиравме повеќе за размената на ДНК податоци, но свесни сме дека таа размена понатаму ќе вклучува и дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила. Впрочем, сите наши напори во модернизирање на службите и системите за размена имаат за цел постигнување на утврдените стандарди за размена на податоци со строго почитување на правилата за заштита на сигурноста на таквата комуникација, што пак, од друга страна ќе ја зголеми ефективноста и ефикасноста на водењето истраги во нашите служби.
Останува фактот дека добрата соработка, редовната комуникација, координацијата и размената на искуства помеѓу нас – Договорните страни на Конвенцијата за полициска соработка - надополнети со искуствата и експертизата на партнерските организации се клуч за успех во сите сфери на полициското работење. Предизвиците пред нас се многу, голем дел од нив се и заеднички, а обемната поддршка која ни се пружа треба максимално да ја искористиме и да ја претвориме во нешто вистинско и опипливо.
Регионот на Западен Балкан е регион кој за релативно краток временски период измина и се уште изминува големи промени. Како регион, воедно, заеднички се движиме и работиме на процесот на интеграција во Европската унија, што ни дава залет, олеснување и водечка рамка за надоградување во сите аспекти и слоеви на општественото живеење. Но тој процес или таа патека по која се движиме наложува и утврдува значаен број предизвици и цели кон кои што треба да се стремиме и да ги исполниме. На ова патување постојана поддршка и помош имаме не само од Европската комисија и нејзините агенции, туку и од нашите други меѓународни партнери за што би сакал искрено да им се заблагодарам.
Борбата против организираниот криминал е предизвик на 21. век и неговото влијание се наметнува во сите сфери на општеството. Од тие причини, успешното справување со овој феномен е неопходен и побарува сериозен пристап од страна на сите институции надлежни за спроведување на законот. Со оглед на фактот дека транснационалниот организиран криминал е закана која може да предизвика сериозни безбедносни импликации, борбата за сузбивање на овој феномен претставува еден од нашите главни приоритети. Свесни сме дека со спречувањето на овој модерен феномен не може да се справи секоја држава самостојно, што ја наметна потребата од еден поинаков и многу посериозен пристап. Организираниот криминал не познава граници, ниту визи, државјанство, етничка припадност, ниту пак постојат правила на делување. Затоа, само со воспоставување на правна рамка за остварување меѓународна полициска соработка, а потоа и функционални услови за спроведување на таа правна рамка може да се застане на патот на организираниот криминал.
Би сакал во оваа пригода да споделам со вас една изјава од нобеловецот Алберт Ајнштајн која гласи: „Светот нема да биде уништен од оние коишто прават зло, туку од оние коишто тоа го гледаат без ништо да сторат“. Злото што го предизвикуваат организираниот криминал и корупцијата е од такви размери што, без било какво сомнение, бара да биде соодветно адре¬сирано од страна на целото општество, а особено од нас како носители на највисоките раководни функции на институциите директно задолжени за справување со нив. На сите ни е јасно дека процесот на справување со бројните предизвици е долг и ма¬котрпен, но тоа е и единствениот пат за да бидеме успешни и истрајни.
Долго време се занимаваме со транснационалната компонента на организираниот криминал и искрено сметам, дека е време приоритет да ставиме на транснационалната компонента на полициската соработка. Како што се менува криминалниот пејзаж во Европа, така треба да се менува и да биде флексибилен полицискиот пејзаж, да бидеме меѓусебно поповрзани и кооперативни, финансиски и политички постабилни и крајната цел да биде заедничка за сите – сузбивање односно разбивање на организираните криминални групи и криминални појави.