Стариот театар во Струмица ќе се реставрира

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на ”Прокон-трол”+ од Белград Марија Наќиќ, денеска во Центарот за култура “Антон Панов“ во Струмица потпишаа договор за изработка на проект за реставрација на Стариот театар во Струмица.

По тој повод на прес-конференција беше презентиран видеоматеријал за изгледот на старата зграда на театарот, дело на архитектот Александар Цицимов.

- Долгогодишната желба на струмичани да се реставрира Стариот театар и ветувањето на Министерството за култура за решавање на овој проблем од денес започнуваат со својата реализација. Веќе е избран надзорен одбор, а во наредните 60 дена, „Проконтрол“ треба да го достави готовиот проект. Според планираната динамика, првите работи на реконструкцијата ги очекуваме во текот на октомври, годинава, рече министерката Канческа-Милевска.

Директорката на “Проконтрол” Марија Наќиќ вети дека нивните проектанти ќе се обидат да ја запазат автентичноста на Стариот театар, кој е изграден во 1949 година, а опожарен во 2001 година.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска за време на престојот во Струмица имаше средби со раководителите на институциите од областа на културата - Заводот-Музеј и Центарот за култура „Антон Панов”.