Учеството на научно – истражувачки работници од Северна Македонија во 67 од вкупно 70 акции во рамки COST програмата за европска соработка во науката и технологијата, што се спроведоа во изминатите два месеци, ја прави државата еден од поактивните учесници во оваа програма, меѓу земјите во регионот.
Ова беше потврдено на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на COST програмата, Роналд Де Бруин што се одржа во просториите на МОН, а на која присуствуваа и претставникот на нашата земја во управниот одбор на оваа програма, проф. д-р Зоран Поповски, како и директорката на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ.
Министерот Шаќири изрази задоволство што научниците, истражувачите и иноваторите од државава се проактивни и изразуваат голем интерес за учество во акции за вмрежување и заедничи проекти со колегите од други земји од Европа, потенцирајќи дека тоа е еден од мотивите за постојано зголемување на буџетот кој министерството го двои и вложува во науката и истражувањето и стимулира нови, млади истражувачи, меѓудругото да се вклучуваат и во акциите на оваа програма.
Осврнувајќи се на досегашните постигнувања и идните планови на COST, директорот на програмата Де Бруин потеницираше дека токму основната цел е да се воспоставуваат што повеќе конекции меѓу научно – истражувачките работници од различни земји и региони, кои со свои идеи и иницијативи ќе даваат придонес кон развојот на науката и технологијата, како области кои се стожер на севкупниот глобален напредок.
Средбата му претходеше на инфо денот за COST што се одржа денеска во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ. Утре пак, државата ќе биде домаќин на годишниот состанок на Комитетот на високите службеници на програмата, во организација на МОН.
Во следниот период пак, МОН ќе организира и неколку работилници на универзитетите во државата, со цел подетално запознавање со целите на оваа програма и стимулација за учество во истата на што повеќе претставници на академската и научната фела.
COST е најстарата европска програма за наука и технологија, формирана во 1971 година. Северна Македонија е нејзина полноправна членка од 2002 година.