Нова медицинска опрема на Детската клиника во Скопје, во вредност од околу 16,5 милиони денари

Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја промовираа новата медицинска опрема на Детската клиника во Скопје, во вредност од околу 16,5 милиони денари.

Пристигната е половина од нарачаната oпрема за да се опреми оваа здравствена установа и да ги задоволи сите потреби на Клиниката.

- Досега се пристигнати три ехо-апарати, шест апарати за анестезија, два респиратори, шест инкубатори, два автоматски хематолошки анализатори и три гасни анализатори, изјави Груевски и додаде оти ова се околу 50 отсто од апаратите, побарани од Клиниката за да се задоволат сите потреби.

Премиерот Груевски изрази надеж дека најдоцна во јули ќе пристигнат и останатите делови од опремата и оти со тоа целосно ќе се заокружи се она што е нарачано од оваа Клиника, апарати и медицинска опрема.

- Нарачано е се она што беше побарано од лекарскиот тим, односно стручниот тим во Клиниката. За две до три недели, во јули ќе можам да констатирам заедно со министерот дека оваа Клинка ги доби сите апарати кои се потребни за нејзино правилно функционирање. Опремата е во износ од околу 16,5 милиони денари. Втората набавка приближно ќе чини исто толку или вкупниот износ на опремувањето на оваа Клиника ќе биде околу 30 милииони денари, истакна Груевски.