Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се сретна со Рене Троказ, специјален претставник за Западен Балкан на Француската Република, кој беше придружуван од францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер.
Вицепремиерот Битиќи изрази благодарност за поддршката која Франција ја дава на Северна Македонија во нејзините напори за полноправно членство во Европската Унија, притоа истакнувајќи дека за земјата не постои друга перспектива за севкупен просперитет и напредок
На состанокот стана збор и за најновиот План за раст на Западен Балкан, кој заеднички беше позитивно оценет затоа што ќе создаде реални можности за дополнителен раст на економиите на земјите од регионот, со што ќе се создадат компетитивни капацитети за вклучување во европскиот пазар уште пред полноправното членство во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи и специјалниот претставник Троказ разговара и за значењето на регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан, во насока на зајакнување на националните капацитети во евроинтегративните процеси, при што беше констатирано дека регионалните иницијативи може да направат суштински промени кон полноправно членство во ЕУ.
Вицепремиерот Битиќи го информираше специјалниот претставник на Франција за Западен Балкан за владините економски приоритети, при што стана збор за развојот на инфраструктурата, забрзаната енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија, како и за другите можности кои може да бидат во функција на унапредување на билатералната економска соработка. Во оваа насока, на состанокот беше истакнато дека дополнително забрзување на енергетската транзиција во Северна Македонија ќе се случи со реализацијата на стратешката инвестиција за изградба на соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во регионот. Станува збор за директна гринфилд инвестиција на француската компанија „Акио Енерџи“, која треба да изгради капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати (MW).
Специјалниот претставник Троказ рече дека Франција останува силен поддржувач на земјата за полноправно членство во ЕУ, притоа нагласувајќи дека очекува Северна Македонија набрзо да се приклучи на семејството на држави членки на ЕУ.