Груевски: Падот на БДП не е изненадување имајќи ги предвид случувањата во Европа

Не смеат да не изненадат податоците од Државниот завод за статистика имајќи предвид што се случува во Европа, која е на највисоко ниво на нејзината должничка криза и наместо работите да се подобруваат, како што предвидуваат многу аналитичари минатата година, тие се влошија дополнително.

Вака одговори премиерот Никола Груевски на новинарското прашање за податоците на Државниот завод за статистика за зголемена невработеност и за регистриран пад на Бруто домашниот производ (БДП).

- Европа влезе во рецесија и ако ги одвоиме неколку Скандинавски земји и Германија, сите останати земјите влегоа во длабока криза. Дури и овие земји не се чувствуваат така комотно како што треба да биде. Со оглед на тоа што нашите компании извезуваат и тргуваат во државите од ЕУ со околу 90 отсто и тоа 60 отсто директно и 30 преку земјите од регионот не е за изненадување што имаме пад на БДП во првиот квартал, изјави Груевски, денеска на Детската клиника во Скопје.

Тој потсети дека Македонија успешно се справи со првата глобална светска економска криза во 2009 и 2010 година и изрази цврсто уверување оти успешно земјава ќе се справи со европската должничка криза која што, како што рече, во моментот е во нејзината најдлабока фаза.

- Никогаш откако таа почна некаде околу од вториот квартал на минатата година, ниту еднаш не била во подлабока фаза од тоа што е сега. Јас се надевам дека наскоро работите во ЕУ ќе почнат да се средуваат и негативните ефекти од таму ќе почнат да се намалуваат, а од друга страна ние ќе продолжиме со преземање мерки со кои ќе ја ублажуваме оваа криза од надвор, од овој надворешен шок што ни се случува последователно неколку пати - светската економска криза, пред неа шок на цените на нафтата во светот, на храната, а сега и европската должничка криза, рече премиерот Груевски.

Според него, живееме во време кое што е невообичаено во економските текови, меѓутоа, истакна Груевски,  се бориме, се справуавме и правиме се што е во наша моќ работите да се движат максимално колку што може во подобар правец.