Сопственикот и претставници на „Сахара Индија Паривар“ ги посетија Дојран и Охрид

Претставниците на компанијата „Сахара Индија Паривар“, предводени од сопственикот Субрата Рој денеска беа во посета на општините Дојран и Охрид.

Во општина Дојран ја посетија градската плажа, новоизградената пешачка и велосипедска патека крај Дојранското Езеро при што им беа презентирани локации каде што е предвидена изградба на хотели и можностите за инвестирање и развивање на туризмот. Сопственикот на „Сахара Индија Паривар“ при посетата изрази особен интерес за лековитоста на алгите во Дојранското Езеро и посочи дека искористувањето на ова природно богатство може да биде потенцијална основа за дополнително развивање на туристичката атрактивност на Дојран.

Во придружба на претставниците „Сахара Индија Паривар“ беа заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо.

По Дојран, сопственикот и претставниците на „Сахара Индија Паривар“, го посетија и Охрид каде што ги разгледаа манастирскиот комплекс „Св.Наум“, локациите предвидени за изградба на туристичка развојна зона, а во попладневните часови е предвидена посета на охридската чаршија.