Со безбедносните камери во Скопје досега регистрирани и доставени околу 150 поднесоци за сообраќајни прекршоци

МВР во рамки на проектот „Безбеден град“ односно системот на безбедносен видео надзор во Скопје, досега има регистрирано и доставено околу 150 поднесоци за сообраќајни прекршоци, а поголем број се уште се во постапка. 

Најчесто регистрирани прекршоци се за погрешно паркирање, но има и посериозни непочитувања на сообраќајните правила и прописи. Казните за ваквите прекршoци, потсети денеска на прес - конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, изнесуваат од 50 до 300 евра во денарска противвредност, но, најави, во наредниот период ќе се продолжи со превентивно предупредување, а не со казнување.

- Целта не е да казнуваме, туку да ја подигнеме свеста за потребата од совесно почитување на соораќајните правила и прописи, рече Јанкулоска, додавајќи оти за тоа кога ќе се почне со казнувањето зависи од сериознста на прекршоците и од тоа дали сопствениците на возилата тие прекршоци ги повторуваат или тоа е инцидентно направен прекршок што не значи сериозно прекршување на сообраќајот. Таа најави засилено присуство на полицијата во текот на летниот период.

Важно е, потенцира Јанкулоска, што системот во неколку случаи помогнал да се откријат учесниците во сообраќајните несреќи со потешки последици кои избегале од местото на сообраќајката.

Дописите кои содржат фотографии од возилото на местото и времето на направениот прекршокот, се испраќаат на адреса на сопственикот на возилото без разлика дали е приватно или службено. Првите поднесоци  ги доставуваа полициски службеници, но не е исклучено во иднина тоа да се прави преку пошта или на друг начин

Меѓу другите, досега им се доставени предупредувања и на двајца познати професори на факултети и селектор на една од македонските национални репрезентации

Со ваквиот начин на регистрирање на прекршоците, укажа министерката Јанкулоска, се ограничува арбитрарноста на полицијата и можноста на прекршителите да им се простува.

МВР продолжува да работи на воспоставување целосна функицоналност на системот и ставање во работа и на камерите во Тетово.

Мапата на радарски контроли објавена лани, информираат од МВР, останува во важност, а на располагање на возачите е и апликацијата „Внимавај радар“, која е најсимнувана апликација на „паметните“ телефонски апарати.