Средношколците имаат потреба од факултативна настава за безбедноста во сообраќајот

Најголем дел од средношколците сметаат дека е корисно да имаат факултативна настава за безбедноста во сообраќајот, а наставата да ја одржуваат стручни лица, авторитети, дури и јавни личности, покажуваат резултатите од тримесечната акција спроведена во сите средни училишта во Република Македонија во текот на учебната 2011-2012 година насловена „Запознавање со основите на сообраќајната безбедност и сообраќајната култура“ од Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, заедно со министерствата за внатрешни работи и за образование и наука.

Главната цел на проектот, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на денешната прес - конференција, беше подигнување на нивото на знаења од областа на сообраќајот, односно сообраќајните правила и прописи и етиката и хуманите односи во сообраќајот.  Средношколците  се запознаваат и со последиците од непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, а преку тоа и со постигнување ефикасно и ефективно спречување на причините и појавните облици на сообраќајната деликвенција кај оваа целна група. Оттаму, нагласи Јанкулоска, главниот резултат кој го очекуваме од ваквиот Проект е намалената смртност и повреди кај оваа категорија учесници во сообраќајот.

Претседателот на РСБСП, Никола Ангеловски информира дека акцијата се одвивала во два дела и тоа едукативен и анкетен дел. Едуактивниот дел опфаќал предавања за етика и сообраќајна култура, како и за запознавање со сообраќајните знаци, правила и прописи. По предавањата се поделени и околу 10.000 анкетни листови, од кои 2.000 на албански јазик, со 25 прашања, а од одговорите на средношколците, подвлече тој, се согледува дека сметаат оти имаат потреба од дополнително зпаознавање со сообраќајот.

Изршена е и обука, по која се покажало подобрување на знаењата за сообраќајните правила и прописи за 12 до 15 проценти.

- Од тука произлезе заклучокот дека дури со мала обука од два часа, заинтерсираноста, перцепцијата на сообраќајот како општа закана за безбедноста и знаењата од оваа област, видно се подобриле, рече Ангеловски, констатирајќи дека со заеднички и коодинирани активности на РСБСП со МВР, МОН и други надлежни институци, евидентно може да се подобри состојбата во ебзбедноста на сообраќајот на патиштата во република македонија.

Јанкулоска упати и апел за важноста од почитувањето на сообраќајните прописи во пресрет на летната сезона и зголемената фреквенција на возила на автопатиштата.