Премиерот Груевски во посета на Русија

Владина делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, а во која се и г-дин Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Ваљон Сараќини, министер за економија и г-дин Бил Павлески, министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции од денеска(недела, 17.06.2012 година) ќе престојува во Руската Федерација, каде што во рамките на економската турнеја ќе изврши промоција на инвестициските можности и поволностите за отворање и реализација на бизнис кои ги нуди Република Македонија, во градовите Москва, Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петерсбург, ќе оствари средби со претставници на повеќе руски компании, и ќе присуствува на Меѓународниот економски форум на Санкт Петерсбург.

Во понеделник, 18.06.2012 година, владината делегација предводена од премиерот Груевски, ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во Москва организиран од Трговско-индустриската Комора на Русија. Премиерот Груевски ќе оствари средба со губернаторот на Московската област, г-дин Сергеј Шојгу. Премиерот Груевски ќе оствари средба и со менаџерскиот тим на компанијата „Протек Груп“.

Во вторник, 19.06.2012 година, владината економска делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во градот Владимир, и ќе оствари  средба со губернаторот на Владимирската област, г-дин Николај Виноградов.

Во среда, 20.06.2012 година, инвестициските поволности ќе бидат претставени пред стопанствениците од рускиот град Нижњиј Новогород, каде што владината делегација ќе оствари средба со г-дин Валериј Шанцев, губернатор на Новогородската област.

На 21.06.2012 година(четврток), и на 22.06.2012 година(петок), претседателот на Владата Груевски и владината делегација ќе остварат посета на Санкт Петерсбург. Во рамките на посетата, владината делегација ќе ги презентира поволностите за отворање и водење бизнис на форумот кој го организира Трговско-индустриската комора на Санкт Петерсбург. Премиерот Груевски и владината делегација ќе присуствува и на отворањето и пленарното заседание на реномираниот Меѓународен економски форум на Санкт Петерсбург на кој традиционално учествуваат реномирани економски експерти, аналитичари, бизнисмени и политичари.

Во Санкт Петерсбург владината делегација предводена од премиерот Груевски ќе оствари средби со менаџерските тимови на компанијата „Газпром“, чија дејност е производство на природен гас, „Стројтрансгас“, чиј делокруг на работа е дистрибуција и стопанисување со природен гас, и на компанијата „Лукоил“, која се занимава со производство и трговија на нафта и нафтени деривати.

Премиерот Груевски во Санкт Петерсбург свечено ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Македонија, и ќе оствари средба со губернаторот на Ленинградската област, г-дин Александар Дрозденко.