Започна Министерскиот совет, Османи: Нашите дела денеска се наследство за нашата иднина и иднината на ОБСЕ

Со повик за обединување за заложбите на ОБСЕ упатен до министрите за надворешни работи, Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи го отвори 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, кој овие два дена се одржува во Скопје.

Министерски совет на ОБСЕ започна со сесијата за отворање на која воведно обраќање имаше и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Претседавачот Османи во своето обраќање се осврна на три клучни поенти кои го одбележаа Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ: поддршката од ОБСЕ за Украина која се соочува со воената агресија од Руската Федерација, зајакнувањето на ОБСЕ и неjзината иднина и грижата за луѓето како фокус на работата на ОБСЕ.

„Поради сите овие причини, ОБСЕ е потребна за да го поттикне мултилатерализмот и да ја олесни соработката, за луѓето да живеат слободно. Мора да одговориме на овој повик заедно, бидејќи тој не доаѓа од мене како актуелен Претседавач, туку од луѓето од регионот на ОБСЕ – луѓето и граѓаните на нашите земји“, истакна Османи.

Зборувајќи за влијанието на руската воена агресија, Османи потенцираше дека покрај тоа што разорната сила на војната пред сè ги уништи животите на илјадници граѓани и суверената територија на Украина, таа има и негативен ефект врз ОБСЕ и нејзината главна задача – да претставува платформа за дијалог која нуди решенија за безбедносните предизвици.

„И покрај мрачната реалност на војната со која се соочува Украина и другите долготрајни конфликти во поширокиот регион на ОБСЕ, мултилатерализмот останува најдобрата алатка за спречување конфликти и надминување на разликите и споровите. ОБСЕ, како најголема регионална безбедносна организација во светот, е препознаена и ценета како потребен и сигурен партнер за мир и стабилност“, рече Османи.

Во таа насока, релевантноста и потребата на ОБСЕ беше уште позначајна и токму затоа голем дел од мојот ангажман како Претседавач со ОБСЕ беше ставен на зачувување на Организацијата, додаде Османи.

„Затоа сум благодарен што овој ангажман беше поддржан од мнозинството земји-учеснички и што Република Малта ќе ја преземе важната одговорност да биде Претседавач со ОБСЕ во 2024 година“, рече Османи.

Сепак, она што останува, а што е подеднакво важно како и консензусот по прашањето за Претседавач во 2024 година е и изборот на челници на институциите на ОБСЕ, како и усвојување на буџетот на Организацијата. 

„Програмите на ОБСЕ, нејзините теренски операции и механизми за градење доверба придонесуваат за наша поголема сигурност и безбедност. Затоа не смее да дозволиме овие алатки, кои придонесуваат многу во подобрувањето на животот на многу луѓе, да останат неискористени поради нашата внатрешна неусогласеност. Тоа би било парадоксално и неприфатливо, а најмногу предавство на луѓето на кои им служиме“, потенцираше Османи.

Османи повтори дека како Претседавач во изминатата година најмногу време посветил на луѓето и дека ОБСЕ постои и функционира за доброто на луѓето.

„ОБСЕ мора да продолжи да служи како активна платформа за одговорност во време кога тензиите и конфликтите се во пораст. Не треба да заборавиме дека ОБСЕ е ангажирана низ целиот регион и работи на решенија за потребите на луѓето. Ни беа доверени важни мандати за придржување до принципите и заложбите на ОБСЕ, истовремено справувајќи се со различни предизвици во Источна Европа, Југоисточна Европа и Централна Азија. ОБСЕ останува активна на сите нивоа во нашите општества, придонесувајќи за сеопфатна безбедност за сите, бидејќи нашите дела денеска се наследство за нашата иднината“, рече Османи.

Сесијата продолжува со излагања на делегатите на сите земји-учеснички и партнери на ОБСЕ.