Ковачевски: Ја поддржуваме наменската индустрија, активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана на НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, беше во посета на фабриката за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков.

Премиерот Ковачевски посочи дека „АТС АММО“ е единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.

„Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки. „АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека фабриката работи според НАТО стандарди.

Наменската индустрија, како што посочи премиерот Ковачевски, е само една од областите каде сериозно се вложува преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Република Северна Македонија под капата на Алијансата се чувствува побезбедно и посилно. Заедно и рамноправно со другите земји членки се грижиме за регионалниот и светскиот мир и безбедност, се грижиме за подобро и побезбедно утре за нашите граѓани. Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана. Буџетот на Министерството за одбрана расте, од 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра за оваа година, извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана кој беше договорен на НАТО Самитот во Вилнус. За модернизација и опремување одвоивме над 30 отсто од буџетот за одбрана и со тоа го надминавме минималниот праг на НАТО, најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за оваа цел. А, таквата тенденција планираме да ја задржиме и следната година“, потенцира премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека нашата земја е очекуван рамноправен партнер и на европската маса и дека тоа е процес од кој нема враќање назад.

Вицепремиерот Битиќи ги повика домашните компании да го следат примерот на „АММО“, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки.

„Ова бара технолошко унапредување, но затоа компаниите не се оставени сами. Во оваа насока, ќе го споменам Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како можност која ја создадовме за домашните компании да бидат поддржани во делот на инвестиции за технолошко унапредување на производството, посебно во делот на инвестирање за истражување и развој, каде финансиската поддршка изнесуваат 50% од прифатливите трошоци, како и поддршката во делот на извозот. Веќе преку овој закон се поддржани 919 компании, кои имаат реализирано инвестициски циклус од пола милијарда евра, поддржан од страна на Владата со околу 100 милиони евра. На овој начин, директно ги стимулираме и домашните компании своето производство, своите производи, да ги прилагодат на критериумите на Алијансата и со тоа да им отвориме нов простор за раст на бизнисите, за отворање на нови работни места, со достоинствени плати за граѓаните“, рече Битиќи.

Министерката Петровска по обиколката на капацитетите на „АТС АММО“ порача дека е сериозна компанија со голем квалитет што е многу важно во време кога се соочуваме со сериозни предизвици за да се задоволат потребите на воената индустрија. Петровска информираше дека оваа компанија веќе е регистрирана за учество на НАТО пазарот и додаде дека интересот на компаниите за комплетирање ма овој процес се зголемува.

„Оваа компанија веќе е регистрирана на НАТО пазарот и учествува на пазар кој вреден повеќе од пет милијарди евра. Она што ме радува и она што можам да го споделам како податок е дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО пазарот. Ако во 2021 година беа само осум компании, веќе во октомври 2023 година, тој број е 18 само за една година или вкупно некаде околу 40-тина компании кои го добиле тој НАТО код и може да учествуваат на НАТО пазарот", рече министерката Петровска.

Министерката додаде дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка користејќи ги производите кои оваа компанија ги произведува, а ќе соработуваат и во развојот и почетокот за производство на првиот македонски дрон.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска ја посетија единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“ во Самоков.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:

„Почестен сум што денеска, сме во посета на единствената македонска фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција „АТС АММО“, која во минатото беше позната како „Сувенир“ од Самоков.

Цели 42 години оваа фабрика опстојува на овие простори со долгогодишна традиција и искуство во производството на сите видови на малокалибарска муниција и успеа со својот квалитет да се пробие во светски рамки.

„АТС АММО“ е дел од АТС групацијата која е присутна во 56 земји во светот. 

Со повеќе од 350 вработени, само во оваа фабрика каде што сме денес присутни и со дополнителни 300 на друга локација која ја имаат за производство како и вработените кои ги имаат во претставничките канцеларии од САД до други земји членки на НАТО, навистина претставуваат еден од поголемите работодавци во државата. Тие се целосно лиценциран производител на малокалибарска муниција како и други видови на одбранбена индустрија. Во моментов компанијата произведува повеќе од 120 милиони парчиња малокалибарска муниција кои ги извезува ширум светот.

Сите производи на фабриката се во согласност со стандардите на НАТО и навистина овде можевме да видиме импресивен процес на производство на муниција, меѓутоа и процес на производство на машини за производство на муниција. Компанијата се наоѓа и на официјалната НАТО листа на производители од одбранбената индустрија, а во 2021 година и официјално го доби кодот на НАТО за производство на муниција. 

Ова се резултати со кои и ние се гордееме, секако се гордеат и вработените на оваа фабрика а се гордеат и менаџерите. Се гордееме поради тоа што не ја заборавивме и наменската индустрија, која е само една од областите каде сериозно вложуваме буџетска поддршка преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. 

Заедно со вицепремиерот Битиќи оваа навистина голема фабрика работеа на финансиската поддршка која Владата ја обезбеди за воспоставување на центар за истражување и развој кој веќе функционира и како  резултат на кој се произведуваат нови технологии во рамки на оваа реномирана компанија. 

Ги вложуваме и нашите надежи дека знаеме, можеме и умееме да покажеме дека сме компетитивни со држави поголеми и поразвиени од нас.

Нашиот влез во НАТО ни ги отвори вратите кон светот и нè охрабри да чекориме посамоуверено. Токму една од придобивките со нашиот влез во НАТО е што ваквите компании можат да учествуваат рамноправно на НАТО тендерите за набавки. Домашните компании не се оставени сами на себе, туку со наша поддршка можат да ги подобрат своите способности дома и во светот.

Република Северна Македонија под капата на Алијансата се чувствува побезбедно и посилно. Заедно и рамноправно со другите земји членки се грижиме за регионалниот и светскиот мир и безбедност, се грижиме за подобро и побезбедно утре за нашите граѓани.

Активно придонесуваме во колективниот систем за одбрана.

Буџетот на Министерството за одбрана расте , од 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра за оваа година извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана кој беше договорен на НАТО Самитот во Вилнус.

За модернизација и опремување одвоивме над 30 отсто од буџетот за одбрана и со тоа го надминавме минималниот праг на НАТО, најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за оваа цел. А, таквата тенденција планираме да ја задржиме и следната година. 

Во овие тешки времиња кои од нас бараат да се потпреме врз сопствените капацитети, од пресудно значење е домашното производство на стоки и услуги во одбранбени цели.

Република Северна Македонија е високо ценет сојузник на НАТО Алијансата.

Ова е порака која ја добивме лично од генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг, за време на одржувањето на регионалниот состанок на лидери на НАТО сојузници, кој се одржа во Скопје.

Чест ми е што во мојот мандат како премиер ја потврдивме нашата улога во НАТО Алијансата како фактор на стабилноста во регионот. Изградивме модерна држава базирана на демократски постулати, ценета и призната во светот со својот единствен идентитетски македонски код.

Нашата земја е очекуван рамноправен партнер и на европската маса.

Тој процес одамна е започнат и нема враќање назад. Република Северна Македонија нема друга опција освен одлучно да продолжи да чекори напред сè до исполнување на својата стратешка цел-полноправното членство во ЕУ.

Тоа е целта кон која се стремиме и тоа е целта која сите заедно мора да ја оствариме-час поскоро.

На крајот, пред да им честитам за постигнатите достигнувања сакам да објавам една навистина важна новина и вест во рамки на она што го прави оваа фабрика а тоа е дека многу скоро, АТС АММО ќе започне со сериско производство на четири видови на дронови кои ќе бидат опремени со вештачка интелигенција, кои што ќе имаат висок дострел, кои ќе имаат соодветна носивост да бидат опремени со соодветна опрема, и кои што ќе бидат целосно произведени во Република Северна Македонија согласно сите НАТО стандарди и ќе можеме да ги гледаме во воените арсенали на НАТО земји. 

Упатувам огромни честитки, што успеаја една ваква висока технологија да ја развијат тука во Северна Македонија и на ова треба да бидат горди сите граѓани на нашата држава“.