Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со премиерот на Португалија, Антонио Коста, кој е во работна посета на регионот, во рамки на која ги посетува Албанија, Северна Македонија и Црна Гора.
На средбата се зборуваше за билатералните односи меѓу двете земји, како и за можностите за унапредување на взаемната соработка на повеќе полиња.
Беше нагласено дека оваа прва посета на португалски премиер на нашата држава претставува силен импулс за поддршка на интеграцијата на регионот и на Северна Македонија во ЕУ.
Во тој правец, португалскиот премиер Коста ја изрази конзистентната поддршка на Португалија на нашата држава и повика Северна Македонија да ја преземе потребната динамика за да го оствари членството во ЕУ. Поздравувајќи ги храбрите и мудри чекори на Владата во обезбедување на европската иднина на земјата, премиерот Коста истакна дека во рамки на ЕУ, Португалија ќе продолжи да го подржува проширувањето на ЕУ.
Заеднички беше констатирано дека иднината на Северна Македонија е што поскоро да стане рамноправна членка во големото европско семејство, што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот за нејзините граѓани.
На работниот состанок беше потенциран фактот дека следната година Португалија и Северна Македонија ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, кои се базираат на силно пријателство кое ги поврзува двете земји. Притоа, двајцата премиери разговараа и за интензивирање на економската соработка.