Министерот Димовски се сретна со Мушвик Созер, менаџер на Балканска Млекара ДООЕЛ Скопје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, министерот без ресор Хади Незир, директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Дејан Рунтевски и заменик-директорот Абдулезел Догани денеска одржаа работен состанок со Али Мушвик Созер, менаџер на Балканска Млекара ДООЕЛ Скопје, чиј основач е една од најголемите турски компании во млечниот бизнис, Суташ.

На состанокот на директорот на млекарницата му беа презентирани и објаснети условите и стандардите кои е потребно да се исполнат за да се добие тарифен број за извоз на млеко и млечни производи од Македонија во пазарите на Европската унија.

Во тек е набавката на дополнителна опрема за реконструкција и воведување во функција на млекарата, која според Мушвик Созер се очекува со производство да почне во септември.

Од МЗШВ соопштуваат дека Созер истакнал оти наскоро ќе почне реализација на првата фаза во која е предвидено да се почне со соработка со откупувачите на млеко, а во втората фаза веќе да се направат договори и со самите фармери, производители на млеко.

Како што истакна директорот Мушвик Созер и на претходниот состанок со министерот Димовски новините кои како Суташ ќе ги воведат во фабриката која во моментов нема тврда програма имаат за цел да ги зголемат пазарите во Македонија и во околните земји и да ја зголемат потрошувачката на млеко и млечни производи во регионот, а со планираната нова инвестиција, машина за тврда преработка ќе го зголемат капацитетот на преработка на млеко на 200 тони дневна преработка.

Нагласи дека по започнувањето на работата на млекарницата во септември, инвестициите ќе ги продолжат со изградба на фарми за млечно сточарство, фабрика за сточна храна и фабрики за рециклажа и за производство на енергија.

Тој ја изрази својата благодарност до министерот Димовски и до Владата за успешната соработка и за подршката која ја добиваат.

Димовски нагласи дека Суташ сега претставува најсериозна компанија која е влезена во македонскиот аграр и како таква има целосна поддршка од Министерството за земјоделство и Владата. Тој им посака успешна работа и успешна реализација на идните планирани активности.