Средба на премиерот Груевски со губернаторот на Московската област Сергеј Шојгу

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(понеделник, 18.06.2012 година) оствари средба со г-дин Сергеј Шојгу, губернатор на Московската област која претставува регион во Руската Федерација во која живеат над 7 милиони жители.

На средбата од двете страни беа поздравени добрите односи кои владеат помеѓу Република Македонија и Руската Федерација, вклучително и со Московската област.

Претседателот на Владата Груевски ги истакна поволностите кои нашата земја ги овозможува на потенцијалните инвеститори, осврнувајќи се на поддршката која државата ја дава на инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони, нискиот даночен пакет, позитивните макроекономски индикатори, пристапот до квалификувана работна сила и пазарот од 700 милиони потрошувачи кој е обезбеден со договорите за либерализирана трговија со сите држави од континентот Европа.

Премиерот Груевски го запозна соговорникот за целта на економскиот дел од посетата на Руската Федерација и средбите со руските компании кои се потенцијални инвеститори во Република Македонија.

Губернаторот Шојгу го изрази задоволството од можноста за средба со владината делегација, потенцирајќи дека сега кога локалната власт е запознаена со овие позитивни можности може да се очекува напредок во соработката помеѓу компаниите од двете земји. Тој истакна подготвеност за овозможување на услови за трговија и инвестиции на македонските компании кои би биле заинтересирани за покривање на Московската област, пред се од областа на фармацевтската индустрија и трговијата со земјоделски производи.

Сергеј Шојгу изрази посветеност за ангажман во функција на зголемување на трговската размена и економската соработка меѓу двете страни во идниот период, и истакна дека добиените податоци ветуваат развој на нови перспективи.

Беше потпишана и Спогодба за трговска и индустриска, научно-културна и образовна соработка помеѓу Република Македонија и Московската област. Двете страни оценија дека потпишаниот документ дава нов квалитет на односите, и ја засилува можноста за интензивирање и конкретизирање на соработката на овие полиња од заеднички интерес. Беше разговарано и за можноста за потпишување на ваков вид спогодба и во областа на туризмот.