Подобрување на квалитетот на наставата, стекнување на дигитални вештини и безбедно пребарување на интернет, се дел од придобивките од набавената ИТ опрема за 40 основни училишта, преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка.
Министерството за образование и наукa вложува во дигитализација на образовниот процес, како еден од главните фокуси на реформата на националниот образовен систем. Станува збор за глобален тренд, кој настојуваме да го следиме, а ќе придонесе и за развојот на дигиталното општество во земјава.
Со примената на новата ИТ опрема, учениците во основните училишта ќе развиваат нови дигитални вештини, а особено важно е што ќе бидат заштитени од непристојни содржини кои ќе ги ограничува централниот систем инсталиран во рамки на МОН.
Потсетуваме дека покрај набавката на ИТ опрема за основните училишта, МОН ги опреми и кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија со нови наставни и нагледни средства, а целосно се опремија и кабинетите по природни науки во сите основни училишта.
Инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината. Образован и квалификуван кадар, може да придонесе за развој на општеството и средината во која живееме. Секоја инвестиција во процесот на образованието, двојно се враќа во државата.