Владина делегација предводена од премиерот Груевски ќе ја посети Владимирската област

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски која престојува во Руската Федерација,  денеска  на бизнис форум во градот Владимир ќе ги промовира инвестициските можности и поволностите за отворање и реализација на бизнис во Република Македонија.

Предвиденo e владиниот тим во чиј сосатв се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот без ресор задолжен за привлекување  странски инвестиции Бил Павлески да остврати средба и со губернаторот на Владимирската област, Николај Виноградов.

Престојот во Руската Федерација македонскиот економски тим го почна со посета на Москва каде учествуваше на бизнис форум организиран од Трговско-индустриската Комора на Русија. Премиерот Груевски се сретна со губернаторот на Московската област Сергеј Шојгу, како и со менаџерскиот тим на компанијата „Протек Груп“.

Инвестициските поволности утре ќе бидат претставени пред стопанствениците од рускиот град Нижњиј Новогород, каде што владината делегација ќе оствари средба и со Валериј Шанцев, губернатор на Новогородската област.

Во четврток и петок шефот на Владата и владината делегација ќе престојуваат во Санкт Петерсбург. Во рамки на посетата, владината делегација ќе ги презентира поволностите за отворање и водење бизнис на форумот што го организира Трговско-индустриската комора на Санкт Петерсбург. Премиерот Груевски и владината делегација ќе присуствува и на отворањето и пленарното заседание на Меѓународниот економски форум на Санкт Петербург, во рамки на кој ќе се сретне со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. На овој престижен форум, традиционално учествуваат реномирани економски експерти, аналитичари, бизнисмени и политичари.

Во Санкт Петерсбург владиниот тим ќе има средби со менаџерските тимови на компанијата „Газпром“, чија дејност е производство на природен гас, на „Стројтрансгас“, чиј делокруг на работа е дистрибуција и стопанисување со природен гас, и на компанијата „Лукоил“, која се занимава со производство и трговија на нафта и нафтени деривати.

Премиерот Груевски во Санкт Петербург свечено ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Македонија, и ќе се сретне со губернаторот на Ленинградската област,  Александар Дрозденко.

Република Македонија и Руската Федерација воспоставија дипломатски односи на 31 јануари 1994 година, под уставното име. Политичките односи меѓу двете земји ги карактеризира позитивен развоен тренд во сите подрачја од заемен интерес. Значителна карактеристика на билатералните односи е интензивирањето на размената на посети на високо ниво.