Македонија и Русија потпишаа спогодба за меѓусебно признавање на дипломите

Спогодба за  признавање документи за образование и научни звања меѓу Македонија и Руската Федерација потпишаа денеска македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и руската заменик-министер за образование и наука Ина Биленкина.

Со Спогодбата, меѓу другото, се усогласуваат нормите за признавање на образовните дипломи стекнати во училиштата и на универзитетите во двете земји и се воспоставува основа за продлабочување на меѓусебната соработка. 

Потпишувањето на Спогодбата  е дел од активностите на македонскиот владин тим, кој предводен од премиерот Никола Груевски, е во посета на Руската Федерација.

Владината делегација денеска  на бизнис форум во градот Владимир ќе ги промовира инвестициските можности и поволностите за отворање и реализација на бизнис во Република Македонија.

Предвиденo e владиниот тим во чиј состaв се и министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот без ресор задолжен за привлекување  странски инвестиции Бил Павлески, да има средба и со губернаторот на Владимирската област, Николај Виноградов.