Тодоров: Родителите да постапуваат со децата со силата на аргументите, а не со физичка сила

Сите родители треба да постапуваат со децата со силата на аргументите, а не да се справуваат со физичка сила и секогаш во преден план да го имаат сфаќањето дека негативните последици од примена на насилство врз децата можат да имаат долготрајни последици понатаму во животот.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров пред почетокот на регионалната конференција на здравствената мрежа за Југоисточна Европа што се одржа во организација на Светската здравствена организација.

- Конференцијата има за цел да ја потенцира заштитата на правата на децата во однос на насилството. Во овој дел Република Македонија прави солидни чекори во насока на подобрување на состојбите. Беа преземани повеќе обуки во овој дел, едицирани се над 1.900 лекари за рано препознавање на последиците од извршено насилството врз децата. Едуцирани се и повеќе од 200 сестри и патронажни сестри, посочи Тодоров.

Ваков тип несакани состојби, истакна Тодоров, доколку се случуваат во раната фаза на детството потоа предизвикуват лоши негативни последици во натамошниот развој на човекот кои се поврзани со повеќе различни манифестации и заболувања како што се алкохолизам, пушење, дроги, дојабетес, некои форми на депресии итн.

- Да се биде родител е една обврска. Обврска на родителите е да ги едуцираат и воспитуваат децата со силата на аргументите и фактите, додаде Тодоров.

Координаторот за превенција од насилство, главна канцеларија на СЗО-Женева, Александар Бучарт рече дека едно од прашањето на кое се осврнуваат на конференцијата се однесува на врската меѓу алкохолот и насилството.

- Алкохолот предизвикува разни видови насилство кое е присутно во домовите, пабовите, надвор во заедницата. Тоа го покажуваат и многу истражувања кои укажуваат дека децата кои се изложени на негативни искуства понатаму исто така прибегнуваат кон примена на алкохол со негативни влијанија, нагласи Бучарт.

Владите на многу држави, потенцира тој, досега имаат потпишано повеќе резолуции кои се однесуваат на ова прашање поврзано со последиците кои настануваат како последица на користењето алкохол.

- Многу е важно да видиме како може да ги употребиме овие добри програми со цел да можеме да придонесеме за создање на економски продуктивни здрави лица, додаде Бучарт.

Претходно беше презентиран извештајот од истражувањето за застапеноста и факторите на ризик за злоупотреба и занемарување кај деца, изготвен од Клиниката за психијатрија во соработка со СЗО, при што беше посочено дека 11 проценти од момчињата и девојчињата биле изложени на физичка злоупотреба, а 30 проценти биле емоционално занемарени. Истражувањето е спроведено врз репрезентативен примерок од ученици (663) од четврта година во средните училишта и студенти (613) од прва и четврта година на четири универзитети во Македонија. Сексуалната злоупотреба е позастапена кај момчињата отколку кај девојчињата.