Од јули нов пристап во исплаќањето на платите на здравствените работници

Од 1 јули започнува имплементацијата на новиот пристап во исплаќањето на платите на здравствените работници или плаќање по успешност. Станува збор за принцип кој функционира во сите системи не само во здравствените, имајќи предвид дека секаде има определени разлики во нивото на плата во однос на оние кои функционираат во една организација и тоа секогаш е врзано во зависност од начинот на нивното залагање.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на регионалната конференција на здравствената мрежа за Југоисточна Европа што се одржа во организација на Светската здравствена организација.

Овој концепт кој веќе е имплементиран во 17 јавни здравствени установи во изминатите шест седум месеци, рече Тодоров, е поставен на пет основни постулати.

- Првиот постулат е дека имаме загарантирана плата од 100 проценти на почетокот на месецот, вториот постулат е дека на крајот на месецот некои од здравствените работници кои најмногу се залагале и постигнале најдобри резултати може да бидат наградени со зголемување на платата до 20 проценти за тој месец. Може да бидат казнети со намалување на платата до 20 проценти оние кои несовесно или со помал обем ги извршувале работните задачи во однос на нивните колеги, посочи Тодоров.

Тој укажа дека третиот постулат е т.н. маргина на дозволени отстапувања, што е флексибилен модел кој овозможува една маргина која треба да ги покрие т.н. природни разлики кои постојат во сите дејности. Тоа, како што појасни, се однесува на некои луѓе кои иако се залагаат на крај постигнуваат различни резултати.

- Тие т.н. природни разлики мора да се неутрализираат и затоа поставивме една таква маргина. Многу полесно некој може да биде награден од тоа да биде казнет. Четвриот постулат е постулат на правичност што значи дека директорот има обврска најдоцна на 15-ти во месецот да ги повика оние здравствени работници кои заостанувале во извршувањето на работните обврски и да ги опомене за тоа, но во исто време да им овозможи да го надокнадат она што го пропуштиле со цел на крајот на месецот да не бидат во групата доктори кои ќе бидат казнети, истакна Тодоров.

Петтиот постулат, како што нагласи, се однесува на можен еквилибриум, што значи дека може да се случи доколку сите исто работат и нема отстапување од тоа да некој работи повеќе, а некој помалку, сите на крајот на месецот да земат 100 проценти плата колку што земале.

- Бидејќи имаме дозволена маргина на отстапување можно е да се случи најголемиот дел или над 90 до 95 проценти да бидат во групата во која ќе имаат 100 проценти плата, а еден дел од здравствените работници да бидат во групата кои ќе бидат наградени. Го поставивме системот да биде мотивирачки за оние кои совесно навремено ги извршуваат своите работни задачи и финансиски да бидат наградени. Оние кои помалку се залагале ќе бидат казнети. Докторите се оние кои ги прават бодовите, а не Министерството и тие определуваат која интервенција со колку бодови ќе се вреднува, рече Тодоров. 

Тој се осврна и на вториот проект кој се однесува на докторите кои имаат успешност од над 20 проценти и над 70 проценти и најави дека ќе направат една анализа во рамки на системот и ќе ги најдат стоте најдобри односно оние кои дале најголем придонес кои ќе земат 100 проценти повисока плата за конретниот месец.

- Ако најниската плата на еден специјалист е 30.000 денари, тој најпрво ќе биде награден со 20 проценти и ќе земе 36.000 денари. Ако тој биде еден од тие 100 најдобри доктори потоа ќе земе дополнителни 30.000 денари и на тој начин платата со сите примања ќе му биде околу 66.000 денари за тој месец. Ова е најнискиот можен износ бидејќи тука влегува и стажот итн., тоа ќе се движи од минимум 66.000 денари до 76.000 денари. Очекувам ова да биде силна мотивација за сите здравствени работници да се најдат во групата на оние кои ќе бидат најдобри, истакна Тодоров.

Оние кои имаат намалена работна успешност, додаде министерот, не само што ќе бидат казнети со намалување на платата за тој месец туку и нема да можат да даваат услуги како дополнителна дејност.