Ковачевски: Со 32,5 милиони евра даваме поддршка за 66 проекти од локален интерес во 44 општини, вложуваме во рамномерен регионален развој

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше и се обрати на настан на којшто беа потпишани договори со 44 општини за реализација на 66 конкретни проекти од локален интерес. За реализација на проектите е обезбедена финансиска поддршка од 32,5 милиони евра, од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од  министерствата за здравство,  образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. 

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Почитувани колеги министри,

Почитувани градоначалници,

Почитуван претседател на ЗЕЛС,

Почитувани медиуми,

Почитувани присутни.

Најпрвин сакам да изразам големо задоволство што како никогаш до сега сите сме тука заедно, градоначалниците од скоро сите општини во државата и тоа за убава работа бидејќи столбот на едно успешно и демократско развиено општество се пред се задоволни граѓани, а граѓаните секогаш својот прв контакт го имаат со општинските совети, со градоначалниците и се разбира со сите државни институции кои функционираат на локално ниво.

Затоа еден од врвните приоритети на Владата се интересите и потребите на граѓаните. Токму тоа е, и треба да биде наша заедничка цел и на централната и на локалната власт и кога велам заедничка цел тогаш велам заедничка цел на сите без разлика на сите идеолошки, политички, партиски или било какви разлики кои што ги имаме.

Поддршката за развој на општините е континуирана и доказ за тоа е и денешниот настан кој се случува верувам прв пат во историјата на државата, меѓутоа се надевам дека нема да биде и последен пат, на кој присутните министри и градоначалниците каде што  ќе потпишат договори за реализација на проекти од локален интерес, наменети за во најголем дел од општините во државата.

Најнапред сакам да се заблагодарам на навистина успешната соработка на сите политички партии при реализацијата на оваа навистина значајна и голема активност.

Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот. Тука сакам да се заблагодарам пред се и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на граѓаните. И тоа е навистина нешто што е за поздравување и што уверен сум дека ќе оддекне исклучително позитивно во јавноста.

Вкупно 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од  министерствата за здравство,  образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Овие пари се наменети за вкупно 66 проекти за 44 општини.

Се работи за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали, домови за култура, пречистителни станици, мостови, спортски сали, пречистителни станици, мостови   и други проекти во најголем дел од државата веќе имаат подготвено документација со која што може да се отпочне со работа. Со нивната реализација  овозможуваме подобра инфраструктура, поквалитетни услуги, подобро образование и здравство, како и можности за повеќе спортски активности и поголема заштита на здравјето на граѓаните.

Називите на сите проекти ќе се презентираат во текот на потпишувањето, а во интерес на времето ќе ги посочам само општините каде што ќе се реализираат проектите.  

Осум милиони денари (130.000 евра) од сметката на Министерството за здравство ќе се пренаменат на сметката на Општина Илинден за реконструкција на амбулантата во оваа општина, што е од исклучително значење за заштита на здравјето на граѓаните.

Дел од проектите се наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Охрид. Парите за овие проекти во износ од 380 милиони денари (над 6,1 милиони евра) ќе се обезбедат од Министерството за образование и наука.

250 милиони денари (над 4 милиони евра) се обезбедуваат  од Министерството за труд и социјална политика, за проекти за подобрување изградба и реконструкција на  градинки, во општините Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода. Ова се проекти што значат подобрување на условите за згрижување на децата од предучилишна возраст, во овие општини.  

Министерството за транспорт и врски ќе пренамени над 1 милијарда денари (16,2 милиони евра) за проекти за изградби, реконструкции и асфалтирања на улици и локални патишта и мостови, во повеќе општини.  Односно во Битола, Богданци, Боговиње, Гостивар, Дебар, Делчево, Желино, Илинден, Јегуновце, Карпош, Кичево, Кривогаштани, Крушево, Маврово и Ростуше, Македонски Брод, Пехчево, Пробиштип, Сарај, Скопје, Старо Нагоричане, Теарце, Општина Центар, Чашка и Крива Паланка.

Над 183 милиони денари (3 милиони евра) од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се пренаменат за проекти од областа за животната средина, во Валандово, Прилеп, Берово, Чучер Сандево и во Пласница. Ова се проекти за заштита на животната средина, но и за здрави услови за живот.

Во делот на културата, 30 милиони денари (487.000 евра) од Министерството за култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на културата во село Матејче, Липково.

Преку Агенцијата за млади и спорт ќе се пренаменат 114 милиони денари ( над 1,8 милиони евра) за  изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во општините Штип, Велес и Ѓорче Петров, проекти со кои им овозможуваме на младите и на граѓаните услови за спортување и рекреација.

Како што кажав и на почетокот, ова е само континуитет на досегашната поддршка што ја обезбедуваме за општините. Со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа на кој што јас лично имам работено заедно со министерот Бесими ја унапредивме фискалната децентрализација и ги зголемивме приходите на општините што најдобро се гледа од предлог-буџетот за 2024 на кој што трансферите на општините по овој основ се зголемени.

Преку буџетските Програми за рамномерен регионален развој на кои што работеше министерот Пенов заедно со општините и за намалување на диспаритетите во 2023 година финансиравме 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од над 14 милиони евра.

Преку програмата ТАВ на која што работеше вицепремиерот Битиќи заедно со неговите колеги и се разбира со општините обезбедивме реализација на вкупно 94 инфраструктурни проекти во целата држава со вкупна вредност од 50 милиони евра. Преку деветтиот пакет антикризни мерки се обезбедуваат поволни кредити за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја.

Поддршката за општините продолжува, затоа што за нас секој граѓанин, во секоја општина секој граѓанин е важен за сите нас овде. Преку вложувањето во општините, го подобруваме животниот стандард и обезбедуваме рамномерен регионален развој подеднакво како во помалите, така и во поголемите општини. И сето ова е затоа што граѓаните заслужуваат европски услови и ние имаме обврска тоа да им ги обезбедиме.

Сакам на крај да ви се заблагодарам на сите и уште еднаш да изразам навистина големо задоволство што сме собрани сите тука да покажеме дека заедно можеме повеќе, дека пратениците во Собранието заедно можат повеќе и дека сите политички партии во државата без разлика на сите разлики заедно можат повеќе.
 
Ви благодарам.“