Отворен Форумот за креативни индустрии

Како креативниот потенцијал да се стави во функција на економскиот развој на земјата е главна цел на Форумот за креативни индустрии, што се одржува денеска во организација на Британскиот совет - Скопје во соработка со Министерството за култура.

Осумдесетина домашни учесници-дизајнери и претставници од секторите туризам, културно наследство, дигитални технологии, занаетчиство...  имаат можност да ги слушнат искуствата и практиките за креативните индустрии во Велика Британија, која во оваа област е водечка земја во Европа.

Нив им ги пренесуваат тројца британски експерти - Џон Њубиган, претседавач на „Креативна Англија“, Пол Овенс, сооосновач и директор на БОП Консалтинг - една од водечките консултантски куќи за култура и креативни индустрии, и Френк Бојд, директор на мрежата за трансфер на знаење за креативните индустрии. Најавено е и учеството на Рагнар Сил, претседавач на Експертската група за култури и креативни индустрии во Европската унија.

Беше потпишан и меморандум за соработка во областа на креативните индустрии од 11 институции во Македонија, меѓу кои министерствата за култура, економија, финансии и за информатичко општество и администрација, Град Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Сојузот на стопански комори.

Министерството за култура пред четири години донесе Стратегија за развој на креативните индустрии во Република Македонија. Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска истакна дека форумот ќе помогне да се идентификуваат и промовираат креативните индустрии како перспективна и профитабилна област која, како што рече, нуди можност за широко презентирање на вештината, имагинацијата и талентот и нивно соодветно валоризирање на пазарот.

- Секторот за креативни индустрии веќе подолго време е во фокусот на интерес на Министерството за култура и на Владата на РМ, станува приоритетен развоен правец и на останатите субјекти во повеќе сфери во македонското општество. Не постои причина зошто Македонија не би била меѓу државите со најнапреден и најразвиен креативен сектор во Европа, со оглед на потенцијалот што како држава го поседуваме, рече Канческа-Милевска.  

За донесената стратегија посочи дека е документ во кој се предложени развојни политики за секоја дејност на креативните индустрии, како архитектура, дизајн, мода, музика, театар, филм, телевизија, издавачка дејност, занаетчиство... - Успешното спроведување на стратегијата треба да промовира нов економски модел во Република Македонија и да се фокусира на креативните дејности кои го потврдуваат она во што нашата држава е најдобра, најпрепознатлива и оригинална, истакна Канческа-Милевска. Информираше и дека оваа година е  формирана национална комисија за креативни индустрии која ќе ги следи состојбите и ќе советува за нивно ефикасно развивање.

Креативните индустрии во  Велика Британија се во подем од 1990-тите години, имаат над милион вработени во секторот, и обезбедуваат 7 отсто во БДП. Во Естонија, пак, креативните индустрии учествуваат во БДП со 3 проценти.

Предавачот Џон Њубиган посочи дека токму малите земји и нации се во предност во глобалниот свет зашто брзо се прилагодуваат и воспоставуваат врски меѓу институциите. Рече дека креативноста и културата зависат од почвата, т.е. средината во која се развиваат и оти не може да се пресликаат од едно на друго место. Кеативните индустрии ги развиваат малите бизниси и отвораат работни места, заштедуваат пари кога се обмислуваат ефикасни решенија и имаат важна улога за поединците во општеството од економски и од социјален аспект.

- Креативноста значи да се едуцираат млади луѓе за работни места кои се уште не се измислени. Мора да се размислува претприемачки, да се менуваат суштински образовните системи... прашањето веќе не е како да се помага креативноста, туку како таа да ја помага, лекува и генерира економијата, рече Њубиган.

Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, човекот е најголем ресурс и затоа се неопходни инвестиции во образованието и во информатичкото општество со што, рече тој, ќе се отворат креативни работни места со кои ќе може да им конкурираме на земјите на ЕУ. 

- Краетивните индустрии се иднината на светот. Користењето на најсовремени алатки, посебно интернетот,  ќе овозможи претставување на креативноста на поединецот пред светот. Креативните индустрии ќе ја подобрат нашата економија и животниот стандард, рече Ивановски.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски соопшти идеја како  главниот град да стане покреативен - да се обезбеди објект каде креативците (поединци или мали фирми) ќе може да ги искажат своите способности. - На тој начин ќе го подготвиме и општеството - производите на креативците да  ги прифатиме како наше и автентично и нив да ги купуваме. Да создадеме предуслови за нивните идеи да дојдат до израз, рече Трајановски.