Министерот Јанакиески во работна посета на Крива Паланка

Во рамки на редовните посети на владини претставници на општините и населените места низ државата, денеска во работна посета на Крива Паланка престојуваше министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Тој најнапред оствари средба со градоначалникот на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој накратко го запозна со постигнатите резултати од изборната програма, како и пред се со проблемите од урбанизмот, комуналиите, сообраќајот и водоснабдување со кои се соочува оваа општина под Осоговските Планини.

Во оваа пригода, министерот Јанакиески врачи шест решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

До надлежните служби во општината Крива Паланка за легализирање на дивоизградени објекти поднесени се вкупно 3.616 барања од кои 86 се одобрени во моментот и се во правна процедура, како барања кои во наредниот период ќе добијат решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Потоа, министерот Јанакиески заедно со својот домаќин градоначалникот Алексовски со своите придружби поминаа по локалниот патен правец Крива Паланка - село Дурачка Река - село Станци. Посебен акцент се даде на проблемите на делницата кај село Станци.

Посетата заврши со увид на Фабриката за вода на месноста „Црвена Нива“, која е во изградба, но со пуштање на истата поголем дел од градот Крива Паланка и во најкритичните моменти ќе се снабдува со чиста вода за пиење.