Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово беше во посета на Поликлиниката Чаир по повод набавена нова опрема од самата установа.
Станува збор за два нови ЕХО колор доплер апарати, едниот поставен во кабинетот за дојка во Поликлиниката Чаир, а вториот е планиран за одделот по интерна медицина којшто ќе биде со кардиолошка сонда.
Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:
„Денеска сме во посета на Поликлиниката Чаир по повод зајакнување на оваа јавно-здравствена установа со набавка на нова опрема. Станува збор за 5 нови дигитални ЕХО колор доплери апарати - инвестиција од самата установа наменета за Здравствениот Дом Скопје. Едниот ЕХО колор доплер апарат е поставен во кабинетот за дојка во Поликлиниката Чаир, а вториот е планиран за одделот по интерна медицина којшто ќе биде со кардиолошка сонда.
Во Поликлиниката, стариот апарат за гастроскопија е заменет со нов современ гастроскоп. Во тек е подготовка на нов кабинет за ортопедија што ќе ги покрие потребите од ваквите здравствени услуги во овој дел од градот Скопје. Покрај ова, тука е поставен и нов генератор за производство на електрична енергија.
Би сакал да информирам дека во изминатиот месец е инсталиран и комплетно имплементиран пакс систем во сите рентген кабинети во Здравствен Дом Скопје. Со ова, овозможивме полесен пристап на сите лекари радиолози до рентген дијагностики што се изведуваат тука.
Како Министерството за здравство сме силно посветено кон подобрување на условите во јавното здравство преку набавка на нова опрема, реконструкции и вложување во човечкиот капитал. Во текот на месец септември реализирани се 42 нови вработувања во Здравствениот дом Скопје. Од нив, 22 доктори на медицина се вработени во Службата за итна медицинска помош.
Исто така, во месец декември се реализирани и 26 нови вработувања за новата Поликлиника Сарај која е комплетно опремена со нов мебел и набавена е нова медицинска апаратура.
Годинава, направивме позитивни промени во здравствениот систем. Продолжуваме и во следниот период да вложуваме во здравствените работници и да се грижиме за нашите пациенти”, изјави министерот Меџити.