Груевски на бизнис форум во Санкт Петербург и на средба со претседателот Путин

Владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 21.06.2012 година), во рамките на посетата на Руската Федерација престојува во градот Санкт Петербург.

Премиерот Никола Груевски ќе оствари средба со претседателот на Руската Федерација, г-дин Владимир Путин. Премиерот Груевски ќе присуствува и на отворањето на престижниот и реномиран Меѓународен економски форум на Санкт Петербург, а ќе присуствува и на заеднички ручек со шефови на држави и влади кој го организира рускиот претседател Путин.

Владината делегација предводена од премиерот Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум за презентација на инвестициските можности и поволности кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Премиерот Груевски ќе се оствари средба и со г-дин Вагит Алекперов, директор на руската компанија „Лукоил“.

Во рамките на престојот во Санкт Петербург, премиерот Груевски ќе го отвори и почесниот конзулат на Република Македонија во Руската Федерација.