МВР: Високото рангирање на Македонија е признание за активностите во бробата со трговијата со луѓе

Годишниот извештај на Стејт департментот според кој Македонија во 2011, како и во претходните две години, е во првата група со уште 32 земји кои целосно ги исполниле стандардите за борба со трговијата со луѓе, за министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е признание за напорите што државата ги презема за елиминација на тој вид криминал, но и обврска нив да ги продолжи.

Македонија е во група со Австрија, Белгија, Канада, Франција, Финска, Германија, Италија, Холандија, САД, Велика Британија.... и подобро се справува со т.н. модерно ропство од соседните земји кои извештајот ги рангира во втората група, со делумно исполнети критериуми (Албанија, Грција, Србија,  Косово, Бугарија).

- Најновиот извештај за нас претставува признание за сите напори кои ги вложувавме...и ни покажува дека многу правилна била одлуката оваа област да биде меѓу приоритетите и да се третира со посебно внимание. Токму затоа и во извештајот се нотира дека Владата била бескомпромисна во прогонот и кривично процесирање на престапниците, но и проактивно ја истражувала комплексноста на појавата на трговијата со луѓе. Успехот е уште поголем доколку се земе предвид фактот дека сите наши соседни земји се рангирани во групата која нецелосно ги исполнува стандардите во борбата против трговијата со луѓе, а станува збор за криминал кој не познава граници, рече Јанкулоска на прес-конференција.

Подвлече дека мора да се работи континуирано зашто Македонија, како што е и нотирано во изештајот, е подложна на ризици, односно е извор, дестинација и транзитна земја на нелегалната трговија со луѓе и присилна работа.

- Нотираната појава дека инволвираните во овој вид криминал се почесто се служат со склопување лажни бракови, особено помеѓу ромската популација, со цел да ги присилат жртвите на проституција, мора да биде предмет на посебно внимание. Исто така, не смееме и нема да ги игнорираме фактите дека во земјава се зголемува бројот на илегални мигранти, група која е исклучително ранлива на појавата на трговија со луѓе, истакна Јанкулоска.

Успехот за задржаниот ранг на Македонија го честиташе и заменик-амбасадорот на САД во земјава Брајан Агелер, кој нагласи дека партнерството на министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика било многу важно во ефективната броба и помагањето на жртвите.

- Охрабрување е што Македонија втора година по ред ги исполнила стандардите да биде вклучена во највисоката категорија заради нејзините напори за елиминирање на трговијата со луѓе... Елиминацијата на сите форми на трговија со луѓе, без разлика дали се работи за проституција, за трудова експлоатација, внатрешна или транснационална, или ги засега мажите, жените или децата, е меѓу врвните приоритети на САД. Трговијата со луѓе ја погодува секоја земја во светот, вклучувајќи ги и САД. Се проценува дека дури 27 милиони луѓе во светот се жртви на  на трговија, реле Агелер.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски информираше дека  високата позиција на  Македонија во глобалниот извештај се должи на активностите за превенција -  воспоставената законска и институционална рамка  и Државниот центар за  жртви на трговија отворен минатата година, кој е прв од таков вид во регионот.

Ристовски информираше дека во 2011 во Македонија имало 35 сторители на ова кривично дело, од кои една била жена. Жртви биле 11 лица, од кои шест малолетни (пет домашни и 1 странско), а пет полнолетни лица  (четири домашни и едно странско).

Во Извештајот на Стејт департментот се рангирани вкупно 186 држави. Од нив 31 напредувала, а 15 назадувале во исполнувањето на стандардите. Според почитувањето на Актот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе, земјите се подленеи во три групи. Покрај целосно и делумно исполнување на стандардите (прва и втора група), има и земји каде тие воопшто не се почитуваат (трета група).