Утврден Предлог текстот на Националната стратегија за развој на културата

Ја информираме македонската јавност дека согласно измените на Законот за култура, со кој се предвидува Министерството за култура да изработи Национална стратегија за развој на културата, Владата на Република Македонија на седницата одржана на 16.06.2012 година го утврди Предлог текстот на оваа стратегија за периодот 2012-2017 година. Овој Предлог текст, по спроведената широка јавна расправа ќе биде вратен на усвојување до Владата на Република Македонија.

Националната стратегија за развој на културата е основен документ со кој што се утврдуваат општите и посебните долгорочни и системски конципирани културни политики и приоритети на Република  Македонија, во сообразност со водечките глобални и меѓународни развојни стратегии (ОН, УНЕСКО, ЕУ). 

Преку Националната Стратегија, се утврдува стратешкиот национален интерес во современата македонска култура и во неа се разработени развојните начела, цели и приоритети, проследени со неопходните административни и организациони мерки за нејзина реализација. 

Овој стратешки документ содржи и Акциски план кој ги дефинира конкретните активности, проекти и мерки  во сите области од културата и директно ги посочува носителите на одделните активности, динамиката на нивната реализација, проекциите на буџетските и на вонбуџетските средства, секторските и интерсекторските интереси од областа на културата, како и индикаторите за евалуација во спроведувањето на Стратегијата.

Во Националната стратегија во посебно поглавје се содржани посебни цели по области и тоа за:

1. Материјалното и нематеријалното културно наследство
2.  Унапредување на македонскиот јазик и јазичната култура
3. Книжевното творештво и издавачката дејност
4. Ликовната уметност и галериската дејност
5. Музичко творештво и музичко-сценска дејност
6. Театарската уметност и дејност
7. Филмската уметност и кинематографската дејност
8. Новите медиуми и мултимедијалните продукции
9. Музејската дејност
10.  Библиотечната дејност
11. Меѓународната културна соработка и меѓународните културни манифестации 

Подготовката и изработката на Националната стратегија, е сериозна и високо стручна работа која подразбира широки теоретски познавања, практични искуства и мултидисциплинарен пристап, свест и јасна визија. 

Во предстојниот период, Министерството за култура ќе организира широки јавни расправи на кои ќе бидат поканети да земат учество претставници од Македонската Академија на науките и уметностите, претставници од државните органи, од установите од областа на културата, од високо образовни и научни установи, здруженија на граѓани, од независната културна сцена, како и истакнати поединци од областа на културата.

Заложба на Министерството за култура е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2012-2017 година, да се донесе во широка демократска јавна расправа за културата, во која сите заинтересирани субјекти ќе имаат можност да ги искажат своите мислења, предлози и забелешки по Стратегијата.