Инсталиран мамограф во поликлиниката во Ѓорче Петров

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети поликлиниката во Ѓорче Петров каде што го пушти во употреба четвртиот мамограф инсталиран во Скопје, по поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и Букурешт.

- Оваа дијагностичка процедура е една од процедурите кои што имаат подолго време на чекање, не само во Македонија, туку во цела Европа и пошироко. Она со што може да се пофалиме е дека времето на чекање во земјата, а особено во Скопје по инсталирањето на четвртиот мамограф ќе биде едно од најкратките во регионот, изјави Тодоров по пуштањето во упореба на апаратот.

Кај нас, нагласи, времето на чекање е еден до два месеци најмногу и тоа за оние прегледи каде нема сомнение за малигна болест. Таму каде што има такво сомневање, рече Тодоров, тогаш прегледот се презема најмногу во рок од еден ден.

- Тоа е навистина многу брза дијагностика која помага за побрзо дијагностицирање и третман на ова тешко и најмасовно заболување кај жените, а тоа е ракот на дојка. Очекувам дека со инсталирањето на овој мамограф, бенефит ќе имаат до 50.000 жени кои гравитираат на ова подрачје, а се потенцијални корисници на апаратот, нагласи Тодоров.

Министерот информираше дека тендерот за набавка на дополнителни 55 клима уреди за поликлиниката е во завршна фаза, а во текот на наредните денови треба да заврши електронската аукција, по што ќе биде избран најдобар понудувач и склучен договор.