Тодоров најави строги заштитни мерки доколку високите температури преминат во портокалова фаза

Министерот за здравство Никола Тодоров информираше дека во текот на утрешниот ден во одредени региони можно е високите температури да преминат во портокалова фаза, по што ќе бидат преземени строги заштитни мерки.

По пуштањето во употреба на мамограф во поликлиниката во Ѓорче Петров, во изјава за медиумите министерот истакна дека опасноста од високите температури се уште е во жолта фаза, а не во портокалова, кога се преземаат строги мерки за заштита.

- Имаме најави дека во текот на утрешниот ден одредени региони може да бидат во портокалова фаза, односно тоа е во делот на Струмица и Валандово. Затоа, во текот на денешниот ден, по деталните информации кои треба да ги собереме ќе излеземе со конкретни соопштенија, нагласи Тодоров.

Надлежните потенцираат да се почитуваат досегашните заштитни мерки, односно децата, бремените жени, старите и хроничните болни да не престојуваат на отворено од 11 до 17 часот, да се внесуваат течности, да се носи лесна облека и да се јаде повеќе лесна храна, со осврт на овошје и зеленчук.