Денеска во рамки на годишната конференција „Година на европски можности“, на втората панел дискусија „Инвестиции во енергетска транзиција и инфраструктура за здрава животна средина и европска иднина“ дискутираа министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во ЕСМ и Славјанка Пејчиновска Андонова, консултант за животна средина,
Министерот Бектеши во своето обраќање се осврна на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија која што беше презентирана на крајот на минатата година.
Како што потенцираше министерот, Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува основа за инвестиции и развој на политики кои што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор со цел за поддршка на процесот за енергетска транзиција на земјата.
„Северна Македонија постави цел за намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Со ова се докажува нашата посветеност на принципите на Договорот од Париз и претставува значителен чекор кон поодржлива, конкурентна и праведна иднина. Енергетскиот сектор, кој беше значаен придонесувач за емисиите на нашата земја, се наоѓа на чело на овој процес на транзиција“.
Министерот потенцираше дека оваа година е многу важна за нас зашто, од осамостојувањето на државата до денес, прв пат ќе бидеме целосно независни од источниот дел во однос на снабдувањето со енергенси, посебно во делот на природен гас. Бектеши информираше дека е во завршна фаза и ставањето во функција на продуктоводот кој е изграден повеќе од една деценија, но кој досега не проработи. Првичната цел на продуктоводот, потсети Бектеши, беше пренос на сурова нафта, а сега, со последните измени на Законот за енергетика, преку него ќе може да се пренесуваат и други деривати, вклучувајќи го и дизелот.
„Во делот на фосилните горива, успеавме преку преговори со ЕУ и други засегнати страни да го преминеме рокот од 2030 до 2040 година за да ги пренасочиме нашите блокови, посебно во РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и во ТЕЦ Неготино, од производство на електрична енергија со јаглен на природен гас, имајќи предвид дека после децении почнуваме со градење нов интерконектор кој ќе овозможи безбедност во снабдување со енергенси, но генерално и за државата зашто до овој момент бевме целосно зависни од една влезна точка за снабдување со природен гас – со Република Бугарија, која, за жал, до 2030 година е закупена од „Газпром“, истакна Бектеши.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова кажа дека оваа Влада (после неколку одбивања на минатата) е таа која ја препозна ратификацијата на Договорот од Париз како можност за пониско јаглероден раст и развој на државата и како инструмент за привлекување на инвестиции во реализирање на целите на истиот. Имаме поставено среднорочни и долгорочни цели за декарбонизиран раст и развој, согласно глобалната цел од Договорот од Париз, но и согласно Европскиот зелен Договор за јаглеродно-неутрална Европа до 2050 и климатскиот и енергетски пакет до 2030 година, ги имаме идентификувано политиките и мерките за намалување на климатските промени во различни сектори (енергетика, (вклучително и транспорт), земјоделство, употреба на земјиште, шумарство, индустриски процеси), знаеме колку чини реализацијата на мерките и знаеме од каде да ги обезбедиме тие средства“ - истакна министерката Шукова.
Таа потенцираше дека според проценките од долгорочната стратегија за климатска акција овие инвестиции создаваат приближно 10.000 зелени работни места, а за преминот кон зелена и циркуларна економија како најголем извор на инвестиции се ЕУ претпристапните фондови, но секако и финансиската помош на други држави, како што е Швајцарија, Холандија, Германија, Шведска и другите билатерални и мултилатерални донатори и меѓународни финансиски институции како ЕБРД и ЕИБ и секако помошта од Инвестициската Рамка за Западен Балкан.
Директорот за инвестиции во ЕСМ, Виктор Андонов истакна дека ЕСМ ќе се трансформира и декарбонизира со меѓународна помош и експертиза.
„Една од сериозните можности е Инвестицискиот план кој кажува дека се обезбедени вкупно три милијарди евра, но овие средства не се за ЕСМ, туку за сите, за домаќинствата, за приватниот сектор, за малите и средните претпријатија, но треба да ги гледаме како средства насочени за трансформација на регионите кои биле засегнати со јаглен - Пелагонискиот, Битолскиот и регионот во Кичево. ЕСМ тука треба да има сериозна улога, бидејќи во последните 40 години тие луѓе таму дишеле неквалитетен воздух и треба да им се оддолжиме. ЕСМ треба да се грижи посебно за тој регион, во Битола и Осломеј, кажа директорот Андонов.
Славјанка Пејчиновска Андонова, консултант за животна средина која со својот тим учествуваше во изработка на Извештајот за стратешка оцена на Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен на Република Северна Македонија зборуваше за овој многу важен контролен механизам на усогласување на стратегиите, политиките и плановите во корист на животната средина. Според извештајот, Инвестицискиот план овозможува бројни позитивни влијанија врз животната средина и врз здравјето на луѓето, преку: намалување на емисиите на стакленички гасови (околу 32% од стакленичките гасови од енергетскиот сектор до 2050 год), намалување на емисии на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух – 100% редукција на загадувачки супстанци кои потекнуваат од РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, подобрување на квалитетот на воздухот посебно во околината на двата енергетски капацитети и подобрување на здравствената состојба на населението и работниците, подобрување на квалитетот на почвата и подземните води на локациите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј – рудниците, одлагалиштата со пепел преку ремедијација на локациите, поголемо учество на обновливите извори на енергија во однос на фосилните горива; индиректно подобрување на состојбите со квалитетот на површинските и подземните води и состојбата со присутниот биодиверзитет; обезбедување на енергетска ефикасност на јавни објекти; поттик за зелени бизниси, зелени вештини и ред други придобивки.