Трети политички консултации меѓу МНР на Македонија и на Мароко

По повод третите политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Кралството Мароко, денеска во посета на Македонија престојува делегација од мароканското МНР предводена од генералниот секретар во Министерството Насер Бурита.

Како што соопшти МНР, покрај со домаќинот државниот секретар во МНР Владо Мисајловски, Бурита се сретнал и со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, со кого размениле мислења за билатералните односи меѓу двете земји.

- На политичките консултации беа разменети мислења околу можностите за натамошен развој на севкупните односи меѓу Македонија и Мароко, со посебен акцент на зајакнување на соработката на полето на економијата, трговската размена, инфраструктурата, туризмот и образованието. Во разговорите заеднички беше нагласена потребата од заокружување на договорната состојба меѓу двете земји, стои во соопштението.

Станало збор и за односите и соработката меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамките на ОН и во бројни меѓународни организации. На консултациите биле разменети мислења и за актуелните меѓународни прашања, како и за состојбите во регионот на Блискиот исток и во арапскиот свет, вклучително и надворешно-политички приоритети и состојби во непосредното опкружување на двете земји, се вели во соопштението од македонското МНР.