Ако сакаме да ја градиме Република Северна Македонија како демократска држава во која се почитуваат различностите, како општество со здрави меѓуетнички односи и остварување на правата на заедниците, тогаш е значајно да се стави акцент на интеркултурното образование, нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната јавна расправа за новата Национална стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026, во која образованието е утврдено како една од петте приоритетни области.
„Во изминатите три години изработивме и усвоивме голем број акти и документи од областа на образованието базирани на принципите на интеркултурализам, демократија и недискриминација. Ја усвоивме Концепцијата за основно образование, Упатството за организирање на заеднички наставни часови на ученици кои учат на различен наставен јазик, донесовме Стандарди за интеркултурно образование во кои се развиени клучните интеркултурни компетенции што треба да ги стекнат учениците на крајот на основното и на средното образование, како и повеќе други документи“, посочи Шаќири.
Во основното образование, од прво до шесто одделение, веќе се работи по новите наставни програми изработени врз основа на новата Концепција а неодамна се донесени и новите наставни програми за седмо одделение кои ќе се воведат во наставата од следната учебна година. Министерот објасни дека минатата недела Владата ги утврди двата нови предлог закони - за средно образование и за стручно образование и обука, а штом Законот за средно образование биде усвоен од Собранието, ќе почне изработката на нова концепција за средно образование и етапна промена на наставните програми и за овој степен на образование.
Ова не значи, потенцираше министерот, дека во образовниот систем нема предизвици од аспект на интеркултурното образование, посебно во повеќејазичните училишта, каде се уште има можности за зголемување на комуникацијата меѓу учениците што учат на различни наставни јазици. Ова е заклучок на повеќе истражувања за нивото на меѓуетничка интеграција и кохезија во основното и средното образование, меѓу кои и неодамнешното, спроведено со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Со донесување на Упатството за организирање на заеднички часови се очекува промена на ваквата ситуација, но потребна е дополнителна поддршка како од образовните институции така и на локално ниво од општините“, рече Шаќири.
Осврнувајќи се на новата Национална стратегија за развој на интеркултурализамот и општествената кохезија 2024-2026, министерот Шаќири наведе дека во делот на основното и средното образование се дефинирани 5 мерки и 15 активности. Тие се насочени кон заедничките наставни часови и воннаставни активности, превенирање на физичката сегрегација според јазик на настава, зајакнување на интеркултурните компетенции на наставниците, стручните соработници и директорите, зајакнување на јазичните компетенции, ревизија на списокот на лектири со опфаќање на автори припадници на различните заедници, унапредување на статусот на изборниот предмет за јазикот и културата на заедниците.
Сите тие, како што потенцираше Шаќири, можат да дадат резултати само доколку има искрена волја кај сите чинители: општини, училишта, наставници, ученици, родители, граѓански организации, меѓународни партнери, за создавање социјална кохезија.