Вицепремиерот Пешевски се обрати на конференцијата за одржлив развој во Рио Де Женеиро

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска имаше обраќање на вториот ден од Конференцијата за одржлив развој на Обединетите нации што се одржува во Рио Де Женеиро.

Потенцирајќи го значењето на процесот за одржлив развој, вицепремиерот Пешевски ги презентираше активностите што Македонија ги презема на ова поле, координирани преку работата на Националниот совет за одржлив развој. Тој истакна дека Македонија, иако е мала земја, без излез на море, има направено значителен напредок во институционализирањето на управувањето со одржливиот развој, како и во спроведувањето соодветни политики, особено во делот за употреба на обновливите извори на енергија.

Пешевски посочи на конзистентноста на препораките содржани во усвоената Национална стратегија за одржлив развој со усогласениот текст на документот „Иднина која ја сакаме“ за кој е постигната согласност и се очекува да биде усвоен  на Конференцијата Рио + 20.

Вицепремиерот ја истакна усогласеноста на македонските со европските политики за одржлив развој, притоа потенцирајќи ја  потребата од постоење разлика во одговорностите на земјите со различен степен на развој.

Во своето обраќање Пешевски ја нагласи и потребата од праведна распределба на товарот на одржливиот развој помеѓу државите, но истовремено очекувајќи зедничко прифаќање на одговорностите за историските и кумулативните загадувања на глобално ниво. Во таа насока  ја поддржа иницијативата за воспоставување меѓународен механизам за трансфер на технологии и знаења поддржани со финансиски механизми, што би придонеле за севкупно подобрување на состојбата со одржливиот развој.

На Конференцијата учествуваат 86 претседатели на држави и влади, како и високи претставници на повеќе од 150 држави од светот. Конференцијата е следена од претставници од невладиниот сектор и други засегнати групи. Целта е да се реафирмира политичката заложба за одржлив развој, преку проценка на прогресот и слабостите во спроведувањето на одлуките направени претходно на главните самити.

Во состав на македонската делегација, која ја предводи вицепремиерот Пешевски, се и министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, експерти од тој ресор, како и претставници од Министерството за надворешни работи.