Премиерот на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го прими амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.
Амбасадорот Гир му го честиташе на премиерот Џафери неговото назначување за претседател на Владата, истакнувајќи ја поддршката од ЕУ и Делегацијата во Скопје во продолжување на соработката и поддршката на институциите во реализирањето на европската агенда на државата.
Премиерот Џафери изрази задоволство што неговата прва средба со претставник на меѓународната заедница е токму со Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, што претставува јасен знак за насоката на движење на Владата во следниот период.
Премиерот истакна дека претстојните избори се од исклучителна важност за иднината на земјата, бидејќи тие ќе го одредат текот на движење и напредок во следниот период. Премиерот нагласи и дека Владата ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост, да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија во насока на забрзана европска интеграција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на заедничката посветеност на Брисел и Скопје кон натамошното успешно придвижување на активностите врзани за Планот за раст за Западен Балкан, и во таа насока, амбасадорот Гир го поздрави досегашниот конструктивен пристап на Владата.
Заблагодарувајќи се на амбасадорот Гир за принципиелната поддршка на Северна Македонија од страна на ЕУ во процесот на остварување на стратешката цел на државата - членството во ЕУ, Премиерот Џафери истакна дека Владата ќе продолжи со активностите за унапредување на демократијата и владеењето на правото, како и борбата против корупцијата и зацврстување на правната држава.
На средбата беа разменети и мислења за актуелни прашања од внатрешно-политичката состојба во земјата и претстојните избори. Во тој поглед, амбасадорот Гир нагласи дека ЕУ, како и досега, ќе ги подржи активностите на ОДИХР во обезбедување набљудувачка мисија и спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори.