Јанакиески: Процесот на легализација на дивоградбите со очекувана динамика

Процесот на легализацијата на дивоизградените објекти во државава се одвива очекувано. Досега легализирани се од 7 до 15 отсто од објектите во зависност од општините, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој денеска во Крушево им врачи решенија за легализирани објекти на шестмина крушевчани.

Јанакиески ги потсети граѓаните дека со измените во Законот се скратува на 18 месеци рокот за изготвување на елаборатите. 

- Кај нас постои феномен за се да се чека последниот момент. Граѓаните не ги нарачуваат и не ги изготвуваат геодетските елаборати, па нема комплетна документација. За процесот да не се одолговлекува со законските измени кои се во собраниска процедура, рокот за изготвување на елаборатите се скратува на 18 месеци и нема да се чекаат шест години. Доколку елаборатот не е изготвен во новиот рок, граѓаните го губат правото на легализација, изјави Јанакиески.

Со проблемот со изработка на елаборатите се соочуваат и во општина Крушево. Според градоначалникот Василчо Данчески во општината има поднесено 1.942 барања за легализација, а досега се изготвени 82 решенија. Освен тоа, во Крушево нема целосно дивоизграден објект. 

- Немаме објект, кој е целосна дивоградба, туку станува збор за делови од објекти. Во општината се соочуваме и со една необична ситуација. Поради нецелосното последно снимање што го има спроведено Катастарот, дел објекти се водат како дивоградби, па мора да се легализираат, вели Дамчески.

Крушевчани на кои денеска пригодно министерот Јанакиески им ги врачи решенијата се задоволни зашто со документ се, како што велат, се свои на своето.