Македонските искуства презентирани на конференција на ОН за одржлив развој во Рио Де Жанеиро

На вториот ден од официјалниот дел на Конференцијата на ОН за одржлив развој што се одржува во Рио Де Жанеиро, Бразил, делегацијата од Македонија ги презентира достигнувањата во однос на одржливиот развој.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, кој е дел од македонската делегација, истакна дека земјите-учеснички веќе усогласиле изјава со заклучоци што ќе бидат усвоени утре во заклучокот на Конференцијата.

- Уште еднаш се нагласи дека сите земји требат да преземат конкретни активности кон одржлив развој, особено за зелена економија, развој на обновливите извори на енергијата и сл.
Ние  ги претставивме достигнувањата во Македонија, укажувајќи дека сме во хармонизација со законодавството на Европската унија - барања кои мора да ги исполни нашата дражава, но исто така и другите држави во регионот. Во конечниот текст сите држави се согласија да формираат одбор, составен од светски познати личности, кој ќе го надгледува спроведувањето на политиките и активностите на сите држави, рече Адеми, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.

Конференцијата се одржува по повод 20 години од самитот на Планетата - Земја на кој се усвоија трите најзначајни меѓународни правно-обврзувачки документи: Конвенцијата за биолошка разновидност, Конвенцијата за климатски промени и Конвенцијата за борба против опустинувањето.
 
На форумот учествуваат над 70 претседатели на држави и влади и околу 190 делегации. Конференцијата ја отвори генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, а меѓу учесниците се и францускиот претседател Франсоа Оланд, на Иран Махмуд Ахмадинеџад, и на Турција Реџеп Таип Ердоган.