Би сакале да ве информираме дека сите ученички и студентски стипендии се исплатени. Исплатата се однесува на сите постојни корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година. Стипендиите се исплатени заклучно со месец јануари.
Исплатата за новите корисници ќе се реализира во текот на неделата, со што сите средства кои им следуваат на сите категории ученици и студенти ќе им бидат целосно исплатени.
Апелираме до сите засегнати субјекти да ги црпат информациите од надлежните институции кои располагаат со детални и точни информации, со цел навремено, прецизно и точно информирање на јавноста и секако на учениците и студентите.
Владата е посветена на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, и за тоа доказ се сите преземени активности во изинатиот период како што се пред сѐ зголемувањето на износите на стипендиите кои се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, односно се со пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена - доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, а во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година.
Воедно, воведени се нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истите изнесуваат и до 18.000 денари месечно, за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата.
Потсетуваме дека оваа Влада за првпат воведе субвенциониран оброк за студентите. Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат вкупен месечен износ од околу 3.000 денари.
Дополнително, имајќи ја предвид економско енергетската криза, учениците и студентите беа предвидени во последниот пакет антикризни мерки. Обезбедена е финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. 30.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или вкупно 10.800 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, пак, околу 75.000 студенти, добиваат по 1.200 денари месечно или 7.200 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година за ученик. 15.000 студенти од социјално ранливите семејства, добиваат ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно.
Владата како и досега продолжува да биде посветена на подобрување на условите за учениците и студентите.