Доделени девет решенија за национални пензии за придонес во културата

Уште девет  решенија за национални пензии за придонес во културата врачи денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, покрај првите 39 кои беа доделени во март.

Решение за национална пензија денеска примија историчарот на уметност Димитар Ќорнаков, архитектот Петар Муличкоски, сликарот Родољуб Анастасов, актерот Владимир Светиев, оперските уметници Милка Ефтинова и Димитри Мариновски, диригентот Томислав Шопов, кустосот Ристо Групче и педагогот за пијано Борис А. Романов.

Министерката Канческа-Милевска им се заблагодари лично и од име на Владата за нивниот придонес за промоција на културата надвор од Македонија.

- Ова е голем и свечен чин и од наша страна тоа е почит и благодарност кон вас, им рече Канческа-Милевска на новата група добитници на национална пензија.

Заблагодарувајќи се за признанието оперската певица Милка Ефтимова изјави дека првпат се случува на ваков начин да се цени трудот на уметниците. Диригентот Шопов смета дека тоа е признание за долгогодишната и работа и посветеност на уметноста со што, како што рече, им го збогатуваат животот на луѓето. Актерот Владимир Светиев рече дека ова го доживува како круна на звоите изминати творечки години на сцената. - Верувам дека во сите тие години поминати во театарот достојно ја заштитува мојата професија, додаде Светиев.

Националните пензии се доделуваат согласно со измените во Законот за култура кој се применува од почетокот на годинава. Тој им овозможува на  уметниците и на други стручни работници од областа на заштитата на културното наследство и добитници на државните награди „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ и „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело да имаат право на месечен надомест од Министерството за култура во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.

Во врска со некои наводи за доцнење на исплатата на националните пензии на првата група добитници, Канческа-Милевска одговори дека Министерството за култура редовно ги исполнува обврските и дека се исплатени заклучно со мај.