Средба на премиерот Груевски со директорот на “Газпром“ Алексеј Милер

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска(петок, 22.06.2012 година) оствари средба со генералниот директор на руската нафтена компанија “Газпром“,  г-дин  Алексеј Милер.

На средбата соговорниците изразија задоволство од досегашната соработка помеѓу двете страни и изразија подготвеност и заложба за интензивирање и динамизирање на процесот за приклучување на Република Македонија во проектот Јужен поток кој претставува еден од најзначајните гасоводни коридори во Европа.

Г-дин Милер информираше дека “Газпром“ има подготвено нацрт договор за приклучување на Македонија кон Јужен поток  кој во текот на следниот месец преку руското Министерство за енергетика и официјално ќе и биде доставен на разгледување на нашата земја, со што започнуваат сите конкретни процесни дејства околу овој проект во однос на нашата земја.

Двајцата соговорници го поздравија овој исчекор и се согласија дека вклучувањето на Македонија во проектот Јужен поток е од корист и интерес за граѓаните и компаниите во нашата земја и за ширење на пазарот на руската компанија.

Соговорниците изразија подготвеност и интерес и за реализација на други проекти од заеднички интерес.