МТСП: Работниците на отворено да не работат во периодот од 11 до 17 часот

Двосменско работење, избегнување работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот, обезбедување засолништа каде работниците би можеле да се освежат, почести паузи во текот на работата, адекватна вентилација или по можност климатизација на работните простории, се препораките на Министерството за труд и социјална политика на работодавачите, со цел да се избегнат несакани последици од високите температури и УВ зрачењето.

- Министерситвото ги изрекува сите овие препораки, кои факт е дека не се задолжителни, односно согласно законот не може да санкционираме, но можеме да препорачаме поради фактот што станува збор за заштита на работниците, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Министерот најави засилени контроли на трудовата инспекција. Доколку поради непочитување на препораките, а со тоа и не обезбедување услови за безбедност и заштита при работа се случи повреда на некој од работниците, тогаш, рече, ќе одговара работодавачот кој тоа не го направил.

Тој појасни дека препораките се издаваат за територијата на целата земја, но како што рече, најнеопходно е да  се применуваат на местата кои се во портокалов степен на ризик од високите температури и ултравиолетовото зрачење.

Министерството, покрај препораките до работодавачите, издал препораки и до градинките и до пензионерските домови како  институции под нивна надлежност.

- Препорачавме децата во градинките да се изнесуваат на прошетка најдоцна до 10 часот наутро, да им се нуди полесна храна и повеќе течности, а просториите да се заштитат од директна сончева светлина со ролетни или завеси, рече Ристовски.

На домовите за згрижување стари лица им се препорачани мерки за климатизација на просториите или барем обезбедување една ладна просторија, да се нуди лесна храна и повеќе течности, совети за навремено земање  терапијата...

На Центрите за социјална работа, пак, Министерството им препорачува поголема соработка со единиците на Црвениот крст и локалната самоуправа во поактивен пристап и помош на осамени стари лица, социјално загрозени лица и бездомници.