Ристовски: Невработените нема да изгубат ниедно право

Нема ништо неуставно во измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, ниту пак со нив се прави обид со сила да се избришат невработените или пак да изгубат некое од социјалните или здравствените права, тврди министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Критиките на опозицијата и најавите за оспорување на законот пред Уставниот суд за него се само обид за собирање политички поени.

- Ја разбирам потребата на опозицијата да создава забуна и паника кај населението заради остварување на политички поени, но уште еднаш сакам да повторам дека ниту еден граѓанин, кој нема да прифати соодветна или погодна работа нема да биде избришан од евиденциите на Агенцијата за вработување. Тие граѓани ќе бидат префрлени од првата евиденција на активни баратели на работа во втората евиденција. Ниту едно право на ниту еден граѓанин нема да му биде ускратено. Тие кои ќе продолжат да бидат во втората евиденција продолжуваат да ги остваруваат сите права. Ниту едно право од социјална или здравствена заштита нема да им биде укинато на овие граѓани, рече Ристовски.

Тој ги дементираше и информациите дека на невработените ќе им се нуди работа несоодветна на образованието.

- При евидентирањето на невработеното лице тоа во формуларот наведува што е за него соодветно вработување, но наведува и што е за него погодно вработување односно до кој степен би можел да прифати работа несоодветна на неговото образование и квалификации. Врз основа на неговата изразена волја во формуларот се изработува индивидуален план за соодветното невработено лице и врз основа на тој план ние овозможуваме на лицето да му се понуди работа. Ниедно лице нема да биде приморано да работи на несоодветно работно место, рече министерот за труд и социјална политика.

Вакви евиденции, додаде, има во 25 земји членки на ЕУ и Република Мкаедонија мора да го направи тоа.

Ристовски не го загрижуваат најавите на здружението „Ленка“ дека ќе ги оспори законските одредби пред Уставниот суд.

- Воопшто не ме загрижува иницијативата на соодветното здружение кое се декларира како здружение за социјална правда, а се појавува само во определени периоди. Ние сме подготвени да ја браниме уставноста на законот, бидејќи во него, според нас, нема ништо неуставно. Апсолутно не мислам дека станува збор за сериозна иницијатива, туку напротив нарачана прес-конференција, рече Ристовски. Додаде дека ваквите ад хок реакции на одредени здруженија се во координација со опозицијата.