Нов реконструктивен зафат на Универзитетската клиника за детски болести

Комплетна реконструкција на сите тоалети, целосна обнова на инсталациската мрежа и замена на сите преградни ѕидови во Универзитетската клиника за детски болести, најави на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Реконструкцијата ќе опфати околу 600 метри квадратни санитарни простории, односно 80 тоалетни бањи за болничките соби, чајни и млечни кујни, санитарии и гардероби за вработените.

- Овој инвестициски зафат ќе чини 20 милиони денари, средства кои ќе ги обезбеди Министерството за здравство од закупнини и од регистрација на лекови.  Рокот на изведба ќе биде пет месеци по потпишување на договорот. Верувам дека реконструкцијата ќе почне до крајот на август, а ќе заврши до крајот на јануари следната година, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека реконструкцијата на санитариите ќе биде комплетна со целосна промена на водоводните и канализациските цевки, со промена и решавање на вентилацијата на болничките бањи.

- Со оваа реконструкција ќе се решат сите проблеми со притисокот на водата и ќе има топла вода во сите санитарни простории. Покрај секоја болничка соба постојат заеднички санитарни површини кои во моментот се комплетно нефункционални. На тие површини ќе се оформат посебни бањи, така што секоја болничка соба ќе има своја бања, онака како што доликува на секоја современа болница, истакна министерот за здравство.

Со реконструкцијата ќе се заменат и сите дрвени прегради меѓу болничките соби кои, како што рече, се извор на зарази и болести . - Со ова од корен ќе се спречи појавата на глувци, лебарки и други штеточини кои најчесто се вгнездуваат во овие дрвени преградни ѕидови, додаде Тодоров.

Според него, проблемот е направен уште во 1985 година кога е пуштена во употреба новата Клиника, а мебелот во неа е пренесен од старата детска клиника.

- Секогаш кога правиме реконструкција претходно правиме план за тоа  кои делови од болницата и во кое време ќе треба да се реконструираат. Од просториите каде се врши реконструкција се преселуваат болните и вработените во друго одделение додека не се заврши работењето. Овој план ќе ни биде полесен за имплементација затоа што се врши реконструкција на тоалети, рече Тодоров.

Со овој реконструктивен зафат до крајот на оваа година, како што нагласи министерот, ќе станат минато влагата, непријатните мириси, оштетената санитарна опрема и субстандардните услови за престој, што ќе придонесе дечињата што се на лекување што поудобно и полесно да го поминуваат текот на лекувањето.

На прашање до каде е реконструкцијата на детската болница во Козле, Тодоров рече дека очекува по завршувањето на административните работи да почне изградбата на новата зграда. - Во процедура сме на добивање на одобрение за градење и не очекувам проблеми околу тоа. Интенцијата ми е да почнеме со работа ова лето, додаде тој.

Министерот за здравство повтори дека во текот на денешниот ден во Струмичко-валандовскиот  регион високите температури преминаа во портокалова фаза, поради што дадени се препораки за тоа кои мерки треба да се преземат.

Тој препорача да се почитуваат досегашните заштитни мерки, односно децата, бремените жени, старите и хроничните болни да не престојуваат на отворено од 11 до 17 часот, да се внесуваат течности, да се носи лесна облека и да се јаде повеќе лесна храна, овошје и зеленчук.