Mинистерот Попоски во работна посета на Прилеп

Министерот за надворешни работи Никола Попоски попладнето престојуваше во работна посета на Прилеп. Тој се сретна со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, а потоа разговараше со прилепските стопанственици во регионалната Стопанска комора.

Бидејќи ова е регион со повеќе фирми кои се извозно ориентирани, посочи Попоски, разговаравме како од аспект на државата да направиме подобра промоција надвор.

- Секако не интересира и што се гради во Прилеп. Македонија во последниов период повеќе сили користи како да се промовира  можноста за правење бизнис во државата и како да се претстави како интересна туристичка дестинација. Тоа подобро може да се направи во партнерство со фирмите и сите кои може да создадат услови за тоа. Во тој правец се и разговорите во локалната самоуправа во Прилеп, пред се како можеме да ја мобилизираме нашата мрежа на дипломатско-конзуларни поретставништва во светот за промотивен настап и за градење бизнис партнерства, нагласи Попоски.

Според него, успешниот инвеститор кој дошол тука и инвестирал е најголемата реклама за да се донесат други.

- Тој пристап е на државно, но и на локално ниво. Успешните приказни во одредени гранки во Прилеп, како што се прехранбената, индустријата на минерални суровини и на висока технологија може да се искористат да се привлечат инвестиори, рече Попоски.

Одговарајќи на наовинарско прашање за приоритетите на Македонија  во овој период на меѓународен план, особено што сега е  време на промена на претседателствувањето со ЕУ, Попоски нагласи дека се фокусирани на што поголеми остварувања и повеќе цели за извештајот на ЕК во септември за да биде обновена препораката за почнување на преговорите за членство во Унијата.

- Во овој период приоритет ни е да испорачаме што е можно поголеми остварувања и повеќе конкретни цели за извештајот што ќе се подготвува во септември на Европската комисија за да биде обновена препораката за почнување на преговорите. Она пак што следува наредните 6 месеци е Кипарското претседателствување. Кипар има предност што е од неодамна членка на Унијата и се надеваме дека може да придонесе  за дополнителна динамика во процесот на проширувањето, истакна Попоски.

Мислам, укажа Попоски, дека Грција има клучно влијание во одлуките во тој контекст.

- Ме радува фактот што сепак успеаја да формираат Влада што е добар сигнал дека сепак можеби ќе ја надминат тековната криза. Сите процени говорат дека не може веднаш да се надмине кризата, а од аспект на Македонија,  ние имаме интерес економската состојба во регионот да се подобри, рече Попоски.

Министерот за надворешни смета дека клучно во кипарското претседателство ќе биде да се има коректен однос, а од страна на Република Грција да се одбегне онаа методологија на константни препреки и опструкции на патот на интеграциите.

- Постои одреден политички капитал кој Грција го има како долг во моментов кон ЕУ поради онаа солидарност која е манифестирана во должничката криза. Очекуваме, тој повик на солидарност на кој европските членки одговорија позитивно да се рефлектира во Грција за да се покаже одредена солидарност и да даде свој придонес во европските интеграции. Само на тој начин ќе бидат оправдани сите инвестиции кои одат кај нашиот јужен сосед, изјави Попоски.

На прашањето како Министерството реагира на последните провокации со регистерските таблички, Попоски вели дека будно се следи ситуацијата.

- Наша цел е да се одбегне таквиот тренд. Сметаме дека од Грција тоа ќе биде пресретнато со разумен пристап и не сакаме со одредени гестови да се расипат односите, туку напротив, од исклучително значење е да ги засилиме врските. Тоа што значителен број наши граѓани патуваат  во Грција е фактор на дополнително поврзување. Во тековната економска криза тоа е исклучително потребно кај нашиот јужен сосед и какви било навредливи, правно неиздржани гестови и инциденти со негативна енергија треба да бидат избегнати, смета Попоски.

На средбата со стопанствениците  во регионалната Стопанска комора, прва од ваков вид со министер за надворешни работи, Попоски ги сослуша проблемите со кои се соочуваат извозно ориентираните фирми, нагласувајќи дека Министерството токму за решавање на економските прашања ќе ја стави во функција Службата за економска дипломатија и соодветни економски претставници во дипломатските и конзуларните претставништва за решавање на евентуалните проблеми на стопанствениците во земјите каде извезуваат.