Канческа-Милевска и турскиот вицепремиер Боздаг го посетија реставрираното Турбе на Синан Челеби на Плаошник и реконструираниот Воска амам во Охрид

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг денеска го посетија реставрираното Турбе на Синан Челеби на Плаошник и реконструираниот Воска амам во Охрид, каде ја отворија изложбата  „Градска облека Ала Турка“.

Реализацијата на изложбата и реконструкцијата на Воска амамот, според Канческа-Милевска, е чин на сојузништво, кој ја отсликува довербата меѓу Република Македонија и Република Турција и желбата заеднички да се надминат границите на сопствениот културен простор.

- Воска амамот претставува значаен белег на османлиската архитектура со извонредно богата елегантна декоративна орнаментика карактеристична за амамите од тој период  и декорирани мермерни чешми карактеристични за објекти од ваков вид, кој во минатото играл значајна улога во социјалното здружување на охридското, рече Kанческа-Милевска.

Парчињата презентирани на изложбата, според министерката, потсетуваат на времето кога фустаните од скапоцени материјали, кадифе,  богато украсени со вез од срма, европските костуми, панталони, елеци се само дел од градската мода што го отсликува културно историскиот развој на Охрид, особено развојот на градската облека  со ориентален стил Ала турка.

- Токму модата и градските манири што ги негува и денеска Охрид, се стари со векови, кога градот бил значајно место во Европска Турција. Верувам дека вечерва никој нема да остане рамнодушен од убавината и звуците кои ќе ве пренесат во едно друго време, време кога охридските дами со манири и господа што го почитуваат бонтонот, беспрекорно дотерани, со посебен стил на облекување шетале по охридската калдрма слушајќи го удирањето на далгите или пак уживајќи во светликавиот одблесок на сонцето од водите на Охридското Езеро, додаде Канческа - Милевска.

Турскиот вицепремиер оцени дека Македонија е пример за мултикултурното и мултифункционално опстојување.

- Отворањето на Турбето кај Плаошник и амамот е показател на соработката меѓу двете земји на културен план која очекуваме да се реализира во поголем број проекти за оживување на ваквите дела кои би се користеле и за други цели во наредниот период, рече Боздаг.

Тоа што многу Турци живеат во Македонија и многу Македонци живеат во Турција, според него, е здрава алка на сестраната соработка меѓу двете земји.

Воска амамот е реставриран од Турската агенција за соработка и координација ТИКА во соработка со Министерството за култура на Република Македонија и Исламската верска заедница.