Џафери: Правото на протест го поддржувам, колективните договори на Универзитетите согласно процедурите и законските одредби, ќе се реализираат по изборите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска на прес-конференција, ја информираше јавноста за хронолошкиот тек на настаните, во однос на колективниот договор за универзитетите, кој што согласно процедурите и законските одредби ќе се реализира по завршувањето на изборите.

Претседателот на Владата, Џафери истакна дека веднаш по завршувањето на изборниот процес ќе продолжи процедурата по оваа прашање, без разлика кој ќе биде претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

„Правото на протест и правото на штрајк е основно право на секој граѓанин во Северна Македонија и за тоа право почит до крај. Но, сите ние сме обврзани да зборуваме вистинито и правилно да ја претставиме вистината“, рече на прес-конференцијата претседателот на Владата, Џафери.

Премиерот Џафери истакна дека петте Универзитети на негова иницијатива биле на средба во Собранието на Република Северна Македонија, додека ја извршувал функцијата претседател на законодавниот дом, каде ги упатил според примерот на УКИМ да подготват колективен договор. Состанокот во Собранието се одржал во присуство на ректорите на Државниот универзитет во Тетово, универзитетот „Мајка Тереза“, на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, на Битолскиот универзитет „Климент Охридски“, а на средбата не дошол претставник на Универзитетот во Охрид.

„Ги упатив на примерот на УКИМ како треба да го подготват текстот за колективен договор. И обезбедив комуникација со претседателот на синдикатот на УКИМ, тие ги подготвија документиве и ги доставија во Собранието по следен редослед: Климент Охридски Битола на 05.05.2023 достави барање со материјали, Универзитетот Св.Апостол Павле – Охрид доставија на 16.10.2023, Универзитетот Гоце Делчев – Штип, доставија на 18.10.2023, Универзитетот Мајка Тереза доставија на 20.11.2023 и Универзитетот во Тетово доставија на 29.12.2023, што кореспондира по случајност со една година од потпишувањето на договорот со УКИМ“, рече премиерот Џафери.

Распишувањето на парламентарните и претседателските избори, како и назначувањето на тогаш претседателот на Собрание на Република Северна Македонија, Талат Џафери за премиер на техничката влада оневозможија за толку краток рок да се завршат правните процедури со оглед на фактот што последното барање за колективен договор е пристигнато до Собранието на 29 декември, 2023 година, а актуелниот премиер Џафери стапи на функција во Владата во јануари 2024 година.

„На крајот на јануари се направи измена, односно замена на функциите претседател на Собрание–премиер. На 28 јануари беше изборот на Владата. Од 28 јануари, до 14 февруари, тоа се 14 дена, не можете да ги завршите постапките и процедурите за да потпишете соодветни акти. И со законот за работни односи е пропишана соодветна процедура која треба да се следи во евалуација на сите овие документи. Со законот односно со измените на Законот, изричито меѓу другото е забрането, од распишување на избори до завршување на избори, да се потпишуваат општи колективни договори и посебни односно поединечни колективни договори“, рече премиерот Џафери.

Претседателот на Владата, Џафери апелираше да не се користат Универзитетите и стручната фела во предизборна кампања и во прилог на дневна политика, бидејќи колективните договори на петте Универзитети, согласно процедурите ќе бидат завршени веднаш по изборите.  

„Правото на протест, на штрајк е неприкосновено право на секој граѓанин во оваа држава, која до крај ја почитувам и ја прифаќам како таква. Но, моментумот на таквиот начин на барања на реализација на определено право, претходно знаејќи дека има законски пречки, поготово носители на протестот, претседателите на синдикатите кои по природа треба да се од правната фела, прават дејствија кои никако поинаку не можам да ги сфатам освен како предизборна кампања, кои одат во прилог на дневна политика, повеќе него што одат во прилог на самите вработени и заинтересираните кои имаат придобивка од содржините на овие договори“, истакна премиерот Џафери.

УКИМ, како што посочи премиерот, склучи колективен договор на 29 декември 2022 година, а истиот стапи во сила за осум дена, односно на почетокот од јануари 2023 година, со напомена дека колективниот договор за УКИМ се применува од 1 јануари 2024 година, со оглед на фактот дека буџетот за 2023 веќе беше донесен во Собранието и немаше планирано дополнително средства. Премиерот Џафери посочи дека всушност цела 2023 година беше година за буџетирање и подготовка за спроведување на тој договор.


Обраќање на премиерот Талат Џафери на прес-конференција

Добро утро на сите,
Почитувани граѓани и медиуми,

Правото на протест и правото на штрајк е основно право на секој граѓанин во Северна Македонија и за тоа право имам целосна почит. Но, сите ние сме обврзани да ја зборуваме вистината и правилно да ја претставиме вистината. 

Денес се решив за оваа прес-конференција бидејќи се направи фама од фактот и барањето за потпишување на колективните договори со 5-те државни универзитети, а по потпишувањето на колективниот договор со УКИМ во 2022. 

Сакам да ве информирам за хронологијата на настаните во 2020, по изборите кои се одвиваа во јули месец. По завршувањето на изборите, на 11.11 2020 година УКИМ преку синдикатот, односно преку претставникот на синдикатот до Собранието достави барање и документација за склучување на колективен договор како основач, а врз основа на Законот за работни односи. 

По извршување на соодветни анализи на барањето, во смисла дали е комплетно или не, и од формален аспект дали ги има сите елементи, веќе настапија условите за локалните избори.  

За да се има целосна слика по однос на барањето, на 8 јуни 2021 година, Собранието како основач на Универзитетот го овласти претседателот на Собранието т.е мене, Талат Џафери, од име на Собранието да ги завршам преговорите и да пристапам кон потпишување на колективен договор, доколку се исполнети предусловите на содржината на договорот. 

Поради тоа што тоа не е работа на поединец, Собранието со посебен акт на Генералниот секретар формираше работна група која ќе направи проценка и евалуација на она што значи содржината на колективниот договор и кои од тие содржини се спроведливи, а кои не. Имајќи предвид дека од содржината произлезе обврската во работната група да бидат вклучени претставници од Министерството за труд и социјална политика, како министерство од доменот на заштита на правата на граѓаните од работен однос, Министерството за образование од контекст на овластувањата и надлежностите за буџетирање на буџетот на високо образовните институции, и Министерството за финансии, во тоа решение беа вклучени сите претставници. 

Се одржаа неколку средби на стручно ниво, меѓу професионалните претставници. Во два наврати тие средби беа во мое присуство и во присуство на УКИМ синдикатот, како и на министрите за образование, финансии, повремено заменикот министер за финансии, претставник од Министерството за труд и социјална политика. Се дојде до конечното решение кога се констатираше дека беа исполнети условите да може да се пристапи, но во меѓувреме имаше спор околу финансискиот дел. Тој спор требаше да се реши и се реши преку медијација, а врз основа на законот на медијација, каде впрочем медијатор определува Министерството за труд и социјална политика. Медијаторот не го определува ниту Собранието ниту УКИМ. 

На 26.12.2022 заврши медијацијата, согласно Законот за медијација каде има определен рок кога мора да се заврши. На 29.12.2022 се потпиша Договорот, кој што Договор според закон и устав стапува на сила 8 дена од објавувањето во Службен весник, а се применува од 01.01.2024, затоа што буџетот за 2023 веќе беше донесен во Собранието и немаше планирано средства. Цела 2023 година беше година за буџетирање и подготовка за спроведување на тој договор. 

Во меѓувреме на моја иницијатива, на почетокот на 2023 година, поточно во март, ги информирав и ги повикав сите 5 универзитети кои немале и немаат склучено колективен договор. И на средбата беа Изет Зекири, ректор на Мајка Тереза, Куштрим Ахемти в.д Ректор на државниот универзитет во Тетово, Дејан Мираковски ректор на штипскиот универзитет, Игор Неделковски, ректор на Битолскиот универзитет. Не беше присутен и не дојде претставник од универзитетот во Охрид. 

Ги упатив по примерот на УКИМ, како треба да го подготват текстот за колективен договор, и како истиот треба да изгледа. Обезбедив комуникација со претседателот на синдикатот на УКИМ, и тие ги подготвија и ги доставија документиве во Собранието по следен редослед:
-    Климент Охридски Битола на 05.05.2023 достави барање со материјали
-    Универзитетот Св.Апостол Павле – Охрид доставија на 16.10.2023
-    Универзитетот Гоце Делчев – Штип, доставија на 18.10.2023
-    Универзитетот Мајка Тереза доставија на 20.11.2023 и 
-    Универзитетот во Тетово доставија на 29.12.2023, што кореспондира по случајност со една година од потпишувањето на договорот со УКИМ.

Во меѓувреме во Собранието беше определен датумот за претседателски и парламентарни избори, 24 април 2024 година и 8 мај 2024. Имајќи предвид дека согласно роковите, на крајот на јануари требаше да настапи периодот од 100 дена Влада, која што меѓу другото ќе ги спреми и изборите, на 8 декември, партиските органи на кои им припаѓам, објавуваат номинација на претседателот на Собранието, Талат Џафери, сега веќе премиерот на Владата, дека ќе биде премиер во 100-те дена Влада. 

Бидејќи последното барање, го примам на 29.12.2023, по кој основ и која работа ќе беше завршена, ако во тој период, за толку дена бев овластен да ги завршам овие работи? Ни физички, ни формално-правно не можат да бидат завршени тие работи. 

На крајот на јануари се направи измена, односно замена на функциите претседател на собрание – премиер, јас од таму дојдов тука, и на 28 јануари беше избрана Влада. Од 28 јануари, до 14 февруари, не можете да ги завршите постапките и процедурите за да потпишете соодветни акти. И со законот за работни односи е пропишана соодветна процедура која треба да се следи во евалуација на сите овие документи. Со законот односно со измените на Законот, изричито меѓу другото е забрането, од распишување на избори до завршување на избори, да се потпишуваат општи колективни договори и посебни односно поединечни колективни договори.

Во оваа ситуација, кажав, правото на протест, на штрајк, е неприкосновено право на секој граѓанин во оваа држава, која до крај ја почитувам и ја прифаќам како таква. Но, моментумот на таквиот начин на барања на реализација на определено право, претходно знаејќи дека има законски пречки, поготово носители на протестот, претседателите на синдикатите кои по природа треба да се од правната фела, прават дејствија кои никако поинаку не можам да ги сфатам освен како предизборна кампања, кои одат во прилог на дневна политика, повеќе него што одат во прилог на самите вработени и заинтересираните кои имаат придобивка од содржините на овие договори.