Внатрешно реновирање на Градската општа болница „8 Септември“

Во Градската општа болница „8 Септември“ почна и до крајот на годинава треба да заврши целосно внатрешно реновирање на објектот, кое треба да чини околу 53 милиони денари. Темелно се реновираат сите болнички соби, вратите и подови, електричната инсталација.

Болницата денеска ја посети премиерот Никола Груевски заедно со министерот за здравство Никола Тодоров. За медиумите Груевски изјави дека грдежните зафати следуваат по успешната и коренита трансформација на поранешната болница од воена во цивилна, 160-те нови вработени и новата медицинска опрема  од која половината е донесена.

По завршување на внатрешното реновирање, за следната година е во план и надворешно - обнова на фасадата и прозорците и донесување гас во болницата, со што ќе се подобри енергетската ефикасност.

- Споредено со 2009, во 2011 болницата безмалку го има дуплирано бројот на пациенти што и се посакуваше и очекуваше, согласно  и со новите стандарди во здравството за упатување на пациентите. Речиси сите потреби за вработување се задоволени, вклучувајќи го и ова што треба да заврши во наредните две-три недели.  Веќе половина од опремата е пристигната. Очекуваме остатокот да дојде штом заврши оваа фаза на реконструкција. Добиваме една модерна болница, полна со најсовремени апарати и со потребен стручен персонал,  која ќе наликува на најсовремените болници, не само во Македонија, туку и многу пошироко, изјави Груевски.

Покрај подобрување на условите за лекување на пациентите, ќе се работи и на усовршување на стручниот кадар.  Министерството за здравство веќе почнало постапка со која  лекарите ќе бидат праќани на дообука во странство.