Исплатени 206 милиони денари субвенции на 11.803 земјоделци

Министерството за финансии исплати 206 милиони денари субвенции на 11.803 земјоделци по повеќе основи.

За мерката произведено и продадено грозје во винарски визби се исплатени 141 милион денари. Висината на поддршката е два денари по килограм. Најмногу од овие средства се исплатени во Кавадарци или 67 милиони денари и во Неготно со 51 милион денари, соопшти Министерството за финансии.

За подигање нови површини со лозови насади и одржување на постоечки се исплаќаат 56 милиони денари во сите региони. Субвенцијата изнесува 40.000 денари по хектар за одржување постоечките лозови насади и 140.000 денари по хектар за подигнување нови површини со вински сорти, односно 160.000 денари по хектар за трпезни сорти.

За одгледани и заклани бројлери исплатени се девет милиони денари субвенции. Мерката изнесува 25 денари по бројлер, а исплатата е извршена во сите региони.

Владата на Република Македонија и Министерството за финансии продолжуваат со поддршката на земјоделието и одржување на ликвидноста во стопнаството, се вели во соопштението.