Груевски: „Визер“ на македонските граѓани ќе им овозможи евтини летови до други дестинации

Ефектите од договорот за субвенционирање со унгарската авиокомпанија „Визер“, според премиерот Никола Груевски, на македонските граѓани ќе им овозможи евтини летови до други дестинации.

По напорна работа, како што рече, успеале да ја привлечат унгарската авиокомпанија „Визер“ со субвенции од Владата да оперира на шест нови дестинации од Македонија.

Груевски посочи дека „Визер“ oперирањето на новите дестинации ќе го чини 80 милиони долари што  ќе биде проследено со отворање 300 нови работни места.

- Со зголемениот број на патници ќе има потреба од повеќе вработувања во хотели, ресторани и слично. Дополнителните приливи ќе доаѓаат од зголемениот број туристи, бидејќи ќе има повеќе трошење низ нашите ресторани, низ нашите хотели, сувернирници.... Веќе во првиот квартал од оваа година ќе имаме 24 отсто поголем туристички прилив во Македонија споредено со првиот квартал од минатата година, рече Груевски.

Тој посочи дека минатата година имаше значително зголемување на бројот на туристи во Македонија во однос на 2010 година.

- Кон крајот на октомври кога ќе започне „Визер“ да оперира на новите шест релации плус претходната што ја имаше за Лондон и откако ќе започне да лета и компанијата „Флај Дубаи“, која што исто така најави лет кон Македонија тоа значително повеќе ќе влијае на приливот на туристи, истакна премиерот денеска при посетата на Градската општа болница „8 Септември“.

Од 28 октомври годинава „Визер“ треба да почне со летови од Скопје кон Дортмунд и Ајнховен, а цената на билетите кои се веќе во продажба во еден правец со вклучени такси ќе изнесува 12,99, односно 17,99 евра. Двапати неделно унгарскиот авиопревозник ќе сообраќа кон Малме, Милано и Минхен од 29 октомври, за каде билетите ќе чинат по 17,99 евра и 8,99 евра. Трипати неделно Визер ќе сообраќа до Базел од 30 октомври, а цената на билетот е, исто така, 17,99 евра. Од следното лето „ Визер“ ќе воведе летови и кон Брисел, а се размислува и за Рим и Барселона зависно од потребите на граѓаните.

За субвенционирање на „Визер“, македонската Влада согласно потпишаниот тригодишен Договор ќе одвои 306 милиони денари.