Министерката Милевска и турскиот вицепремиер во посета на Коџаџик

Во рамките на посетата на Македонија турскиот вицепремиер Беќир Боздаг придружуван од  министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојуваше селото Коџаџик, општина Центар Жупа, каде се гради Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк.

- Денеска сме во општина Центар Жупа, во која наскоро ќе биде комлетно реконструирана и промовирана родната куќа на семејството на Мустафа Кемал Ататурк. Овој проект е од особено значење за Владата на Република Македонија и за граѓаните на нашата држава, бидејќи името на големиот Кемал Ататурк е трајна и нераскинлива врска помеѓу нашите две земји, рече министерката Милевска на свеченоста одржана во селото Коџаџик, најавувајќи дека целиот проект ќе заврши до септември годинава.

Според неа, со Боздаг имале извонредна можност вчеравечер да промовираат три комплетно реконструирани споменици на културата од Османлискиот период во Република Македонија, Воска амамот, теќето Зејнел Абедин паша и турбето на Синан Челеби, кои говорат за постоењето и развитокот на осмалинската култура на Балканот и се доказ за „нашата грижа  за негувањето на заедничките врености создавани во минатото“.

Турскиот вицепремиер посебно ги нагласи пријателските односи на двете држави и двата народа.

- Република Македонија и  Република Турција  се две пријателски држави. Сите реализирани проекти укажуваат дека нашите народи  се навистина тесно поврзани меѓусебе,- рече Боздаг, кој искажа особено задоволство што денеска претсојува во овој, како што рече, еден од најубавите краеви во Македонија од кој потекнува големиот Ататурк.

Градоначалникот на општина Центар Жупа, Мазлум Хасан, поздравувајќи ги присутните, ја пренесе големата радост и  задоволство на жителите од ова подрачје за почитта што ја даваат владите на двете земји за споменот на Ататурк. Тој нагласи дека со изградбата на Спомен куќата бројот на посетителите ќе се зголеми, а тоа. рече, значи и  развој на туризмот во овој крај.

Со средства на македонската Влада од центарот на селото до Спомен куќата е изграден над три киометри нов асфалтен пат, а нејзината изградба ја помага турската Влада преку владината организација Тика.